ТРИБИНА ВО ОХРИД ЗА ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ
23.11.2013
Локалната самоуправа на Охрид ја поддржува кампањата на Сојузот на синдикатите на Македонија за формирање локални економско – социјални совети, е заклучено на Трибината "Локални економско – социјални совети – потреба, искуства и предизвици", што се одржа во просториите на Локалната самоуправа во Охрид на 22 ноември.
На трибината присуствуваа претседателот на ССМ д-р Живко Митревски, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, Милан Живковиќ, претставник на Фондацијата "Фридрих Еберт", која го поддржа одржувањето на трибината, секретарот на Регионалното синдикално претставништво на ССМ во Охрид Драган Цветаноски, претставници на работодавачите и на други организации.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија д-р Живко Митревски истакна дека е неопходна потребата од институционализација на социјалниот дијалог на локално ниво, пред се во услови на сложени економски- социјални услови. Овие тела би имале советодавен карактер, а во нив би учествувале претставници на синдикатите, работодавачите и претставници од локалната самоуправа. Функционирањето би било насочено кон дефинирање на локалните економски и социјални политики , дефинирањето на потребите на пазарот на труд , усогласувањето на процесот на образованието, а како приоритет ќе биде поттикнување на вработеноста на младите. Формирањето на советите би ја воспоставиле потребната координација меѓу локалната самоуправа, синдикатите и работодавачите, објасни претседателот Митревски.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески рече дека формирањето на заедничко економско – социјално тело ќе значи институционализирање на социјалниот дијалог, кој треба да придонесе за поприфатлива материјална и економска положба на работниците и на работодавачите на подрачјето на општината. Исто така е нагласено дека со формирање ЛЕСС ќе се поттикне мирното решавање на работните спорови.
Резиме на средбата на социјалните партнери е дека сите социјални партнери се заинтересирани за отпочнување меѓусебен системски дијалог, додека основни цели се усогласување на потребите, барањата и реалните можности за подобрување на социо - економската положба на граѓаните. Во општината ќе се стимулира секоја форма за воспоставување дијалог меѓу социјалните партнери. Подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните и инвестирањето во проекти кои ќе ги зголемат економските параметри е дел од економската политика и од мерките за социјален развој и стабилност на општина Охрид.
Предлозите, мислењата и препораките од трибината ќе претставувата основа за понатамошна соработка меѓу социјалните партнери. На средбата е кажано дека охридските советници треба да го прифатат предлогот, после што би следело потпишување на спогодба со што би почнало официјално функционирање на новото тело во општината.
Сојузот на синдикатите на Македонија на Први мај 2013 година ја промовираше Кампањата за формирање локални економско – социјални совети. Активностите на ССМ за формирање ЛЕСС се одвиваа и претходно, додека после почетокот на кампањата засилено се работи на ова поле. Еден месец после кампањата е основан ЛЕСС во Битола, на 1 септември е основан ЛЕСС во Ресен, на 30 септември во Гостивар и на 1 ноември во скопската општина Гази Баба. Претходно се основани ЛЕСС во Куманово, Струмица, Кавадарци, Штип и Тетово, така што во моментов овие кооординативни општински тела постојат во девет градови во Македонија.
Исто така во повеќе градови се одржани трибини со присуство на претставници на трите социјални партнери, локалната самоуправа, синдикатите и работодавачите. Централната конференција на циклусот трибини "Локални економско – социјални совети – потреба, искуства и предизвици" се одржа на 12 јуни во ССМ, на која присуствуваа амбасадорот на САД Пол Волерс, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, претставници на "УСАИД", организација која го поддржува проектот, и претставници на други организации.