СГИП СО ИНИЦИЈАТИВА ЗА БЕНЕФИЦИРАН СТАЖ НА РАБОТНИ МЕСТА ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО
19.11.2013
Врз основа на активностите што ги спроведува СГИП во Мермерен комбинат - АД Прилеп за членовите на СГИП за доуредување на правото на бенефициран стаж, СГИП ја проширува својата активност и во индустријата за градежни материјали. Активностите се насочени кон доуредување на правото за бенефициран стаж, односно проширување на работните места на кои стажот за осигурување ќе се смета со зголемено траење.
Ова на денешната конференција за печат го истакна Павел Трендафилов, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИП).
Повод за прес конференцијата се активностите на СГИП одредени категории работници во градежништвото и во индустријата за градежни материјали да добијат право на бенефициран стаж.
Истовремено СГИП сака да исправи уште една неправда кон работниците во градежништвото и да покрене активност за регулирање на нивното право за бенефициран стаж, во Правилникот за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, поради енормно тешките услови за работа во двата сектори. Со утврдување на ова право ќе се постигнат три ефекти: Работниците достоинствено ќе можат да одат во предвремена пензија, Работодавачите ќе можат да вработуваат помлади луѓе и ќе се поттикне вработеноста во земјата.
Трендафилов посочи дека бенефицираниот стаж важи за истите работни позиции во други гранки, додека не и за градежништвото. Во оваа гранка регулиран е бенефициран стаж само за пробивање на тунели, за што нема специјализирана компанија. Но во градежништвото, каде се вработени 31.022 лица, и во индустријата за градежни материјали со околу 3.437 лица, има кранисти, булдожеристи, бушачи на камења, возачи на тешки возила и ред други занимања кои треба да ги користат овие услови.
Имаме позитивни сигнали од повеќе претпријатија, како од Цементарница Усје, Мермерниот комбинат во Прилеп, Бетон, Бортас и Козјак, а очекуваме поддршка и од други компании. Вистина е дека товарот го сносат работодавачите, но тие трошоци се минимални, додека добивките се повеќекратни.
Ова прашање останува како генерално во активностите на СГИП. Најпрво комисијата мора да направи анализа на систематизациите на работните места, по која ќе покренеме иницијатива пред надлежните државни органи, нагласи Трендафилов.