ЧЕТВРТА СРЕДБА НА АКАДЕМИЈАТА ЗА МЛАДИ СИНДИКАЛНИ ЛИДЕРИ
15.11.2013
Во склоп на „Академијата за млади синдикални лидери 2013“ од 15 до 17 ноември во Пробиштип, во хотелот “Црешово топче“, се одржува четвртата средба на младите синдикалци. Тема на собирот е “Работно законодавство (теорија и пракса)“.
Академијата се одржува со поддршка на Фондацијата “Фридрих Еберт“, додека учесници се млади синдикалци од Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Унијата на автономни и независни синдикати (УНАСМ), Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
На работилницата предавачи ќе бидат професор д-р Тодор Каламатиев, кој на 15 ноември ќе предава на темите “Престанок на работниот однос“ и “Улогата на синдикалниот претставник во заштитата на права од работен однос“. Професорот Каламатиев исто така на 16 ноември ќе ги води панел – дебатите “Младите и трудовото законодавство“, на теми “Засновање на работен однос“, “Права од работен однос“, “Одговорност и престанок на работен однос“ и “Заштита на правата од работен однос“.
Владо Караев од “РУБИКОН“ ќе ја води тимската работа на 16 ноември.
На 17 ноември професор д-р Константин Петковски ќе ги води панел дебатите “Младите и синдикалното лидерство“ со темите “Зошто младите синдикални лидери му се потребни на синдикатот?“, “Што му е потребно на еден добар млад синдикален лидер?“ и “Како да се стане добар млад синдикален лидер?“.
“Академијата за млади синдикални лидери 2013“ опфати четири семинари, од кои првиот се одржа на 8 и 9 јуни во Охрид, вториот на 5 и 6 октомври во Маврово и третиот од 18 до 20 октомври во Охрид. Целта на академијата е обука на младите членови на синдикатите во областа на синдикалното лидерство и трудовото законодавство. Активностите на семинарите се спроведени од страна на професор д-р Тодор Каламатиев и проф. д-р Константин Петковски.