ВО ССМ ОДРЖАНА ТРИБИНА ЗА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ
22.10.2013
Законите не се единствената рамка во областа безбедност и здравје при работа, туку подеднакво се важни практичните искуства и позитивните примери од претпријатијата. Затоа сме тука, да ги слушнеме примерите и да ги збогатиме заедничките искуства, со цел доградување на системот за безбедност и здравје при работа (БЗР).
Ова е дел од уводното обраќање на секретарот на Советот на ССМ Анѓелко Анѓелковски на Трибината “Добри примери од имплементирање на Законот за безбедност и здравје при работа“, што се одржа денес во ССМ во организација на ССМ и Фондацијата “Фридрих Еберт“.
Сојузот на синдикатите посебно внимание им посветува на прашањата од безбедноста и здравјето при работа. Бевме максимално активни пред и после донесувањето на Законот за безбедност и здравје при работа, како и при усвојување на дополнителната регулатива. Посебно внимание посветуваме на изборот на претставници за БЗР во претпријатијата. Добро е што во изборот учествува синдикатот и во овој правец се покажуваат недостатоци во претпријатијата каде не се формирани синдикални организации. На работодавачите треба да им биде јасно дека од исполнувањето на стандардите на БЗР нема бегање, односно сите ќе имаат корист. Најдобро е превентивно да се дејствува, со цел да се намалат несаканите последици, како што се повредите при работа, дополни Анѓелковски.
Претставникот на Фондацијата “Фридрих Еберт“ Милан Живковиќ истакна дека целите и ставовите на Фондацијата и на синдикалните организации скоро се поклопуваат. Фондацијата “Фридрих Еберт“ има организирано бројни семинари, трибини и други средби за безбедноста и здравјето со синдикатите.
Агим Шаќири, претставник на Министерството за труд и социјална политика, истакна дека БЗР прераснува во култура во трудовите средини во Македонија. БЗР во Македонија има долга историја, од 1946 година, додека од 2001 година влеговме во фаза на универзален пристап, односно на усвојувањето на европските стандарди. Законот е донесен во 2007 година и исто така се усвоени: Основната рамковна директива 391 и уште 11 европски директиви. Законот е добра основа за донесување подзаконски акти и на добар пат сме во понатамошното креирање добар правен систем за БЗР.
Од името на Организацијата на работодавачи се обрати Јасна Мишевска, која нагласи дека БЗР е една од основните приоритети на ОРМ. Мораме да водиме грижа за нашето прилагодување, со цел да се постигне поголема сигурност на работните места.
Во текот на трибината презентации одржаа Дарко Тасев и Тања Миџовска од компанијата “Империјал Тобако“, Иван Ангелов од “Цементарница Усје“ АД Скопје, и Дијана Радевска Трповска од “ДАСС Инженеринг“ - Охрид.
На денешната трибина беше покрената иницијатива за доделување Национална награда за добри практики на БЗР.