СРЕДБА НА ССМ СО СВЕТСКАТА БАНКА
02.10.2013
Креирање на квалитетни работни места е една од примарните цели на Сојузот на синдикатите на Македонија и оттаму во наредните години се очекува блиска соработка со мисијата на Светската банка за пораст на вработувањето во Република Македонија, беше кажано на денешната средба меѓу раководството на ССМ и тимот на Светската банка.
Целта на разговорот беше запознавање на залагањата и активностите ССМ околу креирањето нови работни места и можностите за соработка со агендата на Светската банка за порастот на вработеноста.
Како што информираше Индира Сантос, сениор економист и таск тим лидер, целта на мисијата на Светската банка е: да се започне со планирање и организирање активности насочени кон поддршка и развој на нова Стратегија за работни места, која што ќе ја замени старата што истекува во 2015; фолоуап на претходните дискусии со Владата за поддршка на евалуацијата на Програмите за активен пазар на трудот; фолоуап на анкетата за мерење на имплементацијата на вештините и дискусија за било какви барања за техничка поддршка во областа на вработувањето и креирањето на работни места.
Секретарот на Советот на ССМ Анѓелко Анѓелковски ги информираше гостите за активното учество на ССМ во националните програми за намалување на невработеноста, меѓу што е Акциониот план за вработување 2011 - 2013, учеството во Твининг проектот за националната програма за вработување и во речиси други национални проекти врзани со вработувањето. Во тек е кампањата на ССМ за формирање локални економско – социјални совети. Формираните локални совети покажаа дека се корисни институции за усогласување на потребите на работодавачите и на лицата кои бараат работа. Во најголем број од овие совети приоритет е вработувањето на младите луѓе и поврзаноста на младите со пазарот на трудот, објасни Анѓелковски.
Претставниците на Светската банка информираа дека за Светската банка и Европската комисија, посебно преку ИПА фондовите, исто така тема од примарен интерес е проблемот е пораст на вработеноста на младите. Специјалистот за човечки развој Кристоф Куровски рече дека во прв план се анализите за потребите на пазарот на трудот и вештините на младите и во таа насока се интересираше за ставовите на Синдикатот. Куровски објасни дека во прашање е Регионална програма за инклузивен раст на Југоисточна Европа до 2020 година. Соработката со ССМ би била во правец на одредување на кои полиња треба да се работи за проектот да зајакне и да се подобри.
Инаку мисијата на Светската банка ќе вклучи соработка со повеќе институции од државата, како министерствата за труд и социјална политика, за економија, образование и финасии, Агенцијата за вработување и други релевантни институции.