ЧЕСТИТКИ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија д-р Живко Митревски по повод Осми септември, Денот на независноста на Република Македонија, упати честитки до претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељановски и претседателот на Владата Никола Груевски.
Обраќањето гласи:
Во името на Сојузот на синдикатите на Македонија и во мое име, со особена чест Ви упатувам најискрени и срдечни честитки по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.
Сојузот на синдикатите на Македонија, како организација на работниците која повеќе од еден век ги брани, ги застапува и се бори за унапредување на правата од работа и интересите на македонските работници, во своето дејствување и во натамошниот период ги поддржува активностите на сите субјекти кои одат во прилог на развој на севкупните демократски процеси во државата, европските и НАТО интеграциските процеси, како и сите оние активности насочени кон подобрување на социјално - економската положба на граѓаните и работниците во Република Македонија.
Во оваа насока, нашата определба останува и натаму дека само со почитување на вредностите на трудот, преку развој на социјалниот дијалог и постигнување консензус, со демократизација на вкупните општествени односи, со продолжување по патот на процесите за приклучување во големото европско семејство, ќе придонесуваме за натамошен просперитет на Република Македонија.