ФОРМИРАН ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ ВО БИТОЛА
30.05.2013
Денес е формиран Локален Економско – социјален совет на Битола, со што се потврдува правилниот пристап на ССМ за потребата од креирање и инструментализирање на локалниот социјален дијалог.
Во присуство на градоначалниот на Битола Владимир Талески, директорот на УСАИД Роберт Вурт, претседателот на ССМ д-р Живко Митревски, претседателот на КСС Мирјана Андреска и Димитар Стојановски од Организацијата на работодавачи на Македонија, беше потпишана Спогодба за формирање на Локален Економско – социјален совет на Битола.
Претседателот на ССМ д-р Живко Митревски истакна дека значењето на овој чин, кој е потврда на стратегијата на ССМ за потребата од институционализирање на социјалниот дијалог, е особено значаен за локалните заедници, а со оглед на поволностите во делот на креирањето на социјалните и економски политики, анализа за потребите на трудот, јакнење на социјалниот дијалог во локалната самоуправа, анализа за потребите од формално и неформално образование и усогласување на потребите на трудот и локалната заедница.
Посебна карактеритика на локалниот економско-социјален совет е проширениот состав и со претставници од невладините организации, а посебно младинските организации, занаетчиски комори, претставници на стопанственици и стопанската комора, претставници на високото образование и универзитетот и други субјекти.
Се очекува Локалниот Економско-социјален совет да биде одговор и на предизвиците наметнати од кризата и да биде фокусиран особено на креирање на нови работни места за младите.
Претседателот Живко Митревски исто така се заблагодари за поддршката на УСАИД, како и на градоначалникот на општина Битола и на останатите социјални партнери.