ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА EFFAT БРУНО ВАНОНИ ВО АГРО СИНДИКАТОТ
18.04.2013
Денес се одржа Десеттата седница на Советот на Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Република Македонија (АГРО Синдикат), на која присуствуваше Бруно Ванони, претседател на “EFFAT“, Европската федерација на синдикатите од земјоделството, тутунската и прехранбената индустрија и туризмот.
Претседателот на АГРО Синдикатот Живко Даневски ги запозна претседателот Ванони и присутните гости од Бугарскиот синдикат за земјоделство со приликите во Република Македонија и ја истакна потребата од заедништво на синдикатите во остварувањето на заедничките цели.
Членовите на Советот од страна на Бруно Ванони беа информирани за заедничките политики на ЕУ за земјоделството и за проблемите со вработувањето во земјоделството во Унијата. Постои развој во заштитата на животната околина, се работи за порамномерна распределба на буџетот за земјоделството и во основа EFFAT е задоволен од аграрната политика во Унијата. Попроблематична е политиката на слободното вработување во сите земји во Унијата, каде не постои еднаков третман на домашните работници и лицата од новите земји членки.
Инаку EFFAT е со став дека, од аспект на продукцијата во земјоделството и прехранбената индустрија, треба да се почитуваат и да се негуваат културните разлики и менталитетот на секоја земја пооделно. Во однос на европската политика на штедење ставот е дека постојните мерки водат кон осиромашување на населението.
Потребно е сите да дејствуваме на ист начин и во исто време, порача претседателот на EFFAT. Во тој правец беше потенцирана соработката со македонскиот синдикат. Инаку АГРО Синдикатот е полноправен член на EFFAT, организација која обединува 125 национални синдикати со 2,6 милиони членови.