СИМПОЗИУМ ЗА СПОРЕДБА НА ТРУДОВОТО ЗАКОНОДАВСТВО НА ФРАНЦИЈА И МАКЕДОНИЈА
21.02.2013

зависат животите на милиони луѓе
Трудовата област е една од најчувствителните теми во правото, која постојано треба да се развива во согласност со промените што ги носи времето. Во име на правдата треба да се воспостави рамнотежа меѓу работниците, односно на нивните претставници синдикатите, со социјалните партнери работодавачите и владата.
Ова е кажано на денешниот Меѓународен симпозиум од областа на трудовото право, на тема компаративен преглед на трудовото право во Франција и Македонија. Симпозиумот се одржа на Правниот факултет “Јустинијан Први“, додека е организиран во соработка со Амбасадата на Република Франција и Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен, Франција, од каде е обезбедено учество на шест професори и осум студенти.
Воведен збор даде амбасадорката на Франција Лоренс Оер и деканот професор д-р Борче Давитковски, кој истакна дека француската теоретска мисла е основач на трудовото право.
Една од главните пораки од страна на француските експерти е дека во нивната земја судството ги заштитува работниците, но истовремено гледа да не се дестабилизираат претпријатијата каде се води спор.
На симпозиумот се зборуваше за договорот за вработување во двете земји, за што зборуваа професорот Лоренс Фе-Ланже од Правниот факултет во Каен и професор д-р Гзиме Старова од Правниот факултет “Јустинијан Први“.
За темата “Трудовото право и борбата против дискриминацијата“ зборуваа Ањес Серф, доцент на Правниот факултет во Каен и професор д-р Тодор Каламатиев.
На темата “Работниот спор во Франција и Македонија“ предаваа Матијас Кутурие, доцент на Правниот факултет во Каен и м-р Лазар Јовевски од “Јустинијан Први“.
За “Постапката за отпуштање, овластувања на работодавачот и заштита на работникот“ предаваа Флорен Пети, доцент на Правниот факултет во Каен и Влатко Самарџиски, член на Републичкиот судски совет.
Излагања на темата “Заштита на социјалните права во рамките на Европската Унија“ имаа Сара Барние-Лероа, координатор за студии во Меѓународниот институт за човекови права и мир и д-р Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.
“Работникот и Советот на Европа (Европска конвенција за човекови права и Социјалната повелба) “ е тема за која зборуваа Катрин-Амели Шасен, доцент на Правниот факултет во Каен и генерален секретар на Меѓународниот институт за човекови права и мир и м-р Александар Ристовски од Правниот факултет “Јустинијан Први“.