ТРИБИНА ЗА УЛОГАТА НА ИЗВРШНАТА ВЛАСТ ЗА БЕЗБЕДНОСТА И ЗДРАВЈЕТО ПРИ РАБОТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта
18.10.2012
Министерот Ристовски рече дека е задоволен од позитивниот извештај на ЕУ за социјалниот дијалог во Македонија
Министерот Ристовски рече дека е задоволен од позитивниот извештај на ЕУ за социјалниот дијалог во Македонија

Денес во ССМ се одржа трибината “Улогата на извршната власт во обезбедувањето поддршка за безбедност и здравје при работа“. Трибината е дел од Проектот  ЕСВОНЅ - “Европски мостови за за соработка за безбедност и здравје при работа“, кој, со поддршка на ЕУ, трае веќе две години.

Претседателот на ССМ Живко Митревски пред одржувањето на трибината за медиумите изјави дека продолжува заедничката работа на ССМ, Министерството за труд и социјална политика и Организацијата на работодавачи во унапредувањето на системот на безбедноста и здравјето при работа. Системот мора да се унапредува без оглед на тоа што во светот владее економска, финансиска и должничка криза. Проектот “ЕСВОНЅ“,во чии рамки се одржаа повеќе работилници, семинари, трибини, со учество на експерти од Финска, Турција и Велика Британија, даде позитивни насоки во обуката, запознавањето и имплементирањето на европските директиви, посебно за европската рамковна директива од 1989 година, како и на конвенциите на МОТ.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека е задоволен од позитивниот извештај на ЕУ за Република Македонија. Еден дел од Извештајот се однесува на напредокот на социјалниот дијалог и на колективното договарање. Тоа е доказ дека во Република Македонија социјалниот дијалог оди по нагорна линија, што е позитивен знак за сите социјални партнери. Тука секако е и унапредувањето на системот на безбедноста и здравјето, рече Ристовски.

 

Ерки Ирјанеики  - на секое евро вложено во безбедноста се враќаат од три до седум евра
Ерки Ирјанеики - на секое евро вложено во безбедноста се враќаат од три до седум евра

 

Инвестициите во безбедноста на работниците се доебри инвестиции, објасни експертот од Финска Ерки Ирјанеики. На секое евро вложено во безбедноста се враќаат од три до седум евра. Патот до достигнување на високи стандарди е напорен, за што имаме искуства во Финска, меѓутоа токму во мојата земја безбедноста при работа се смета за еден од двигателите на економијата. Моментно во Финска се води политика на “нула несреќи на работните места“, иако несреќите  и повредите при работа не можат апсолутно да се избегнат.

Предавачи на трибината беа Јованка Караџинска Бислимовска од Институтот за медицина на трудот, која зборуваше на тема “Здравјето на работникот во Република Македонија – актуелни и идни чекори“ и за улогата на Институтот за медицина на трудот, и Ерки Ирјанеики, кој зборуваше за улогата на Владата во поддршката на безбедноста и здравјето при работа.

Инаку на трибината учествуваа претставници на раководството на ССМ, претседателот на КСС Раско Мишкоски, Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, професор Тодор Каламатиев од Правниот факултет “Јустинијан Први“, претставници на Државниот инспекторат за труд, Институтот за медицина на трудот, Институтот за јавно здравје, Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Македонското здружение за заштита при работа и на други организаци

Во продолжение го пренесуваме посдравниот говор на претседателот Митревски.

Денешната Трибина е завршна активност во рамките на Проектот „Европски мостови за соработка за унапредување на безбедноста и здравјето при работа, потпомогнат од Европската Унија, во кој ССМ е вклучен и активно учествува во неговата реализација.

Во рамките на овој проект дебатиравме и стекнувавме искуства за примената и унапредувањето на ова многу значајно право од работниот однос – правото на секој вработен да работи во безбедни и здрави услови за работа. Имаше многу конструктивни и корисни излагања на експерти од оваа област од Македонија, од Делегацијата на ЕУ во Македонија, Турција, Финска, Англија, како и дискусии од претставници на синдикатите, на Владата на РМ, преку Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, Министерството за надворешни работи, УКИМ – Правниот факултет „Јустинијан Први“, потоа Организацијата на работодавачите на Македонија, амбасадори и претставници на амбасади во Македонија, како: Норвешка, Полска, САД, Словачка, Турција, Холандија, Шведска, потоа невладиниот сектор, меѓу кои Македонското здружение за заштита при работа, итн.

За Сојузот на Синдикатите на Македонија правото на работниците да работат во безбедни и здрави услови е основно право од работа со посебно општествено и економско значење, и затоа за нас нема компромиси кога се работи за остварување на ова право на вработените – нашите членови, туку напротив, постојано инсистираме да го издигнеме на потребното ниво и да сугерираме дека ова е услов за напредок и за работникот и неговото семејство, и за капиталот, и за целото општество.

Сметаме дека оптовареноста со финансиски проблеми во никој случај не ги амнестира работодавачите од одговорноста, обврската и грижата за поставувањето приоритети во работните средини, меѓу кои, секако, е одговорноста согласно Законот за безбедност и здравје при работа. Меѓутоа, заради значењето на ова прашање, заради реалноста дека ниту едно работно место не е целосно безбедно и нема вработен кој во текот на работата не е изложен на опасности по животот и здравјето, факт е дека зачувувањето на здравјето, спречувањето на повредите, несреќите при работа, професионалните заболувања, зачувувањето на работоспособноста на работниците не ги амнестира од одговорност и сите други релевантни субјекти во општеството.

Дозволете ми во оваа прилика да истакнам неколку клучни точки кои беа потенцирани во рамките на Проектот и кои се осознавање и искуство во натамошните активности што сите заедно ќе ги водиме за подобрување на условите за работа на работниците независно каде работат и творат.

  • ЕУ-политиките и стратегиите за БЗР и главните принципи на Рамковната директива од 1989 (89/391/ЕЕК), која го промовира ова право на работниците и која претставува основа на секоја национална легислатива која го почитува човековото право на безбедни и здрави услови за работа.
  • Транспонирањето на директивите на ЕУ во македонското законодавство и нивното значење во изготвувањето и носењето на македонскиот Закон за безбедност и здравје при работа, како и за подзаконските акти
  • Примена на методи и алатки за БЗР, системска проценка на ризик, средства за идентификување на опасностите врз физичкото и психичкото здравје на вработените
  • Улогата на синдикатите и претставниците на вработените за безбедност и здравје при работа во имплементацијата на Законот за безбедност и здравје при работа
  • Безбедноста и здравјето при работа и колективното преговарање
  • Безбедноста и здравјето при работа и продуктивноста на трудот
  • Улогата на извршната власт во обезбедувањето поддршка за безбедност и здравје при работа – тема за која ќе говориме на денешната Трибина.

Во дискусиите по овие прашања беше нагласувано дека е потребна поагресивна контрола во примената во практиката на правата за безбедни и здрави услови при работа, потоа многу кампањи за издигнување на свеста за значењето на ова прашање подеднакво и кај работниците и кај работодавачите и кај пошироката јавност. Дека е потребно да јакнат капацитетите на надлежните државни институции, како и капацитетите на организациите на работодавачите и синдикатите, и секако натамошен развој на механизмите на социјалниот дијалог.

Потребно е да ја интензивираме соработката и размената на искуства со другите држави на планот на промовирањето и заложбите за унапредување на условите за работа, во која функција многу помогна и реализцијата на Проектот „Европски мостови за безбедност и здравје при работа“.

За Сојузот на синдикатите на Македонија, како организација на работниците која ги брани и заштитува правата на вработените – членови на синдикатите, безбедноста и здравјето при работа и натаму е огромен предизвик и претставува клучна активност на која се посветуваме и ќе се посветуваме во иднина:

  • Да се унапредува и да се пружа поквалитетна заштита при работа преку спроведување на законите, прописите, програмите, стратегиите за БЗР;
  • Да се преземаат и спроведуваат современи технички, здравствени, економски, образовни, организациски мерки и средства за работа;
  • Да се постигнува и обезбедува највисок степен на физичка, ментална и социјална добросостојба на сите работници – значи, зачувување на психофизичкиот интегритет на работниците како основен предуслов за остварување на зацртаните вредности;
  • Да се спречуваат несаканите последици по здравјето и животот на работниците предизвикани од работната средина;
  • Да се заштитуваат работниците од ризици предизвикани од фактори штетни по здравјето;
  • Да се заштитуваат ранливите вулнерабилни категории работници: младите, жените, повозрасните работници,
  • Да се обезбедуваат работни услови кои ќе бидат адаптирани на физичките и умствените способности на работниците.

Од исклучително значење е, исто така, да се развива и интензивира соработката со надлежните државни институции и социјалните партнери – синдикатите и организациите на работодавачите, како и со невладиниот сектор, експертите и професионалците од оваа област и заедно одговорно да продолжиме да градиме еден интегриран системски пристап и меѓусебна соработка во интерес на подобрувањето и остварувањето на правото на работниците на безбедни и здрави услови за работа, да продолжиме да градиме мостови за соработка за безбедност и здравје при работа.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc