ССМ И СЗПМ ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА
8.10.2012Денес Сојузот на синдикатите на Македонија и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија потпишаа Меморандум за соработка. Документот го потпишаа претседателот на ССМ Живко Митревски и претседателот на СЗПМ Драги Аргировски.
Потпишувањето на овој документ е резултат на соработката во изминатите неколку години, кога двете организации се бореа да го реафирмираат своето членство и својата работа, истакна претседателот Живко Митревски.
Целите на соработката се заштита на правата на работниците и на пензионерите, унапредување на националното законодавство, поддржување на стабилноста на пензискиот систем, ангажмани за редовна исплата на платите и на пензиите. Понатаму соработката ќе биде посветена на поефикасна здравствена заштита и зголемена партиципација на лекови, на заедничко претставување пред домашните и меѓународните институции, заедничка соработка кај социјалниот дијалог, на размена на податоци и заедничко настапување во информативните гласила, објасни Митревски.
Ние сме заинтересирани за пораст на вработеноста во Република Македонија, и тоа од две основни причини. Прво, се намалува финансискиот притисок врз пензионерите кои им помагаат на семејствата, и второ, со зголемувањето на работните места се зголемува приливот во Фондот за пензиско осигурување, рече Драги Аргировски, кој потсети дека во 1946 година пензионерскиот сојуз влезе во единствениот македонски синдикат, така што историски двете организации имаат историја на меѓусебна соработка.
Митревски додаде дека е формирана нова моќна сила од страна на работниците и на пензионерите, кои за многу заеднички прашања заеднички ќе настапуваат во институционализираниот социјален дијалог.
Во продолжение го објавуваме потпишаниот Меморандум.
Кликнете врз сликите за да ги зголемите