ДЕНЕС СЕ ОДРЖА XIII СЕДНИЦА НА ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛНИОТ СОВЕТ
24.09.2012
Иницијативите на ССМ по кои се разговараше се однесуваат на продолжување на преговорите за склучување на Општ Колективен договор за јавниот сектор, барањето на ССМ за расправа на Економско – социјалниот совет за преземање мерки за лицата опфатени со енергетска сиромаштија, барањето на ССМ за расправа на текст на Законот за заштита од психичко вознемирување на работното место.
“Сметам дека станува збор за исклучително корисни иницијативи добиени од страна на социјалните партнери. Денеска ги разгледуваме и на еден начин ги утврдуваме предлозите во која насока ќе продолжиме со измените за потоа во следната фаза тие да бидат доставени до Владата”, изјави министерот Ристовски.
Тој додаде дека на денешната седница биле разгледувани и неколку иницијативи од страна на синдикатите поврзани со актуелната економска ситуација и со состојбите поврзани со поскапувањата.
“Во целиот процес мислам дека се пристапува исклучително коректно. Нашите очекувања се дека од оваа расправа ќе произлезат неколку измени и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на правата на работниците и олеснување на целокупната економска состојба која што во моментов е прилично сензитивна, заради која и од страна на претседателот на Владата на вчерашната средба со бизнис заедницата беа најавени дополнителни мерки”, рече министерот за труд и социјална политика.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски денеска по седницата на Економско социјалниот совет, изјави дека мерките што ги најави Владата и треба да се реализираат се во контекст на нивните барања што ги доставиле до власта, а кои имаат за цел, како што рече, справување со состојбата со економска сиромаштија.
“Со задоволство можам да кажам дека дел од тие мерки, особено во она што значи враќање на данокот на додадена вредност (ДДВ) кон работодавачите ќе има значително влијание и кон вработените затоа што економската состојба на работодавачите ќе биде драстично подобрена и ќе бидат елиминирани опасностите кои беа најавени во делот на отпуштањата, рече Митревски.
Министерот Ристовски информираше дека на седницата на Економско-социјалниот совет се разговарало измени на Законот за работни односи се во делот на олеснување на процедурата за работно ангажирање на лица кои во форма на сезонски работници ќе бидат ангажирани за определени области.
“Со тоа во голем дел ќе се олеснат работите пред се за работното ангажирање на дел од младите генерации на кои во определени периоди од годината значително ќе им се олесни вклучувањето во работна ангажираност”, рече Ристовски.