НА 24 СЕПТЕМВРИ ПРОТЕСТ НА СИНДИКАТОТ ЗА ЗДРАВСТВО
Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на 24 септември ќе одржи мирен протест. Протестот е израз на нездоволство поради продолжувањето на Проектот “Плаќање по учинок“.
Ова на денешната конференција за печат го изјави претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски. Тој објасни дека протестот ќе биде мирен, ќе се одржи во кругот на установите, за време на паузата, што значи ќе трае околу половина час.
За Синдикатот е неприфатлив секој проект што вклучува намалување на основната плата. Ние сме за наградување, зголемување на платите, подобрување на положбата на вработените, но не за казнување. Ние реагираме затоа што сметаме дека со казнувањето се нарушува организациската клима во здравствените установи, односно принципите на колегијалност, доверба, соработка и взаемна почит, рече Каранфиловски.
Претседателот Каранфиловски направи ретроеспектива на ангажманот на Самостојниот синдикат за здравство, при што објасни дека Синдиактот будно ги следи состојбите и реагираше уште во февруари 2012 година, кога почна да се спроведува пилот проект. Уште тогаш испливаа низа неправилности и Синдикатот успеа проектот да го стави пет месеци во мирување. Во меѓувреме се работеше на измени на Законот за здравствена заштита, при што се издејствува бришење на ставот 4 од членот 219 од законот.
Меѓутоа, во месец август, со исплатата на јулската плата во здравствените установи настанаа турбуленции. Го свикавме Одборот на лекари, ги изложивме проблемите и оформивме работна група, во која влезе Синдикатот на Клиничкиот центар, Министерството за здравство, со цел: допрецизирање на проектот. Ние постојано укажувавме дека здравството е сложен систем и треба да се внимава за секоја промена.
Меѓутоа, со штрајкот во Клиничкиот центар е нарушен преговарачкиот процес. Поради ситуацијата го свикавме Советот на Самостојниот синдикат, кој е највисок орган на здравствениот синдикат.
Црвената црта на Самостојниот синдикат за здравство е намалувањето на платата, изјави Каранфиловски.
Во продолжение на пресот претседателот објасни дека се дојде до диспропорција во начинот на пресметување на плати. Секаде во светот односот на платите меѓу сестра и лекар е најмалку 1:2, додека кај нас е стигнат до 1:1,67 како последица на воведувањето на бруто платата.
Ние сме се уште на преговарачка маса и ќе настојуваме да ги издејствуваме најповолните решенија за вработените во здравствениот систем. Инаку треба да се знае дека Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита е единствен репрезентативен синдикат за овие дејности, со 14.000 членови, односно 45 отсто од вкупно 32.000 лица во јавното и приватното здравство.