РЕЗОЛУЦИЈА НА РСС “СОЛИДАРНОСТ“ ЗА МЛАДИТЕ
23.08.2012
Регионалниот синдикален совет “Солидарност“, на состанокот што се одржа на 17 и 18 јули во Белград, меѓу другите документи, на предлог на Одборот на млади на РСС “Солидарност“, усвои “Резолуција за унапредување на положбата на младите во синдикатите“.
На јулската средба воопшто посебно внимание е посветено на положбата на младите во современите економско – социјални услови. Младите се сретнаа со Михаил Зомер, претседател на Германскиот сојуз на синдикати (DGB) и на Меѓународната конфедерација на синдикатите (МКЅ). Во рамките на програмата беше вклучен спортско – рекреативен дел, наречен “Куќа на фудбалот“, што се одржа од 18 до 21 јули во Стара Пазова. Манифестацијата е прв камп на младите членови на “Солидарност“.
Основачкиот совет на РСС “Солидарност“ се одржа во месец февруари 2011 година во Белград, додека на 11 април истата година во Љубљана е потпишана Основачка повелба. Иницијатор за основање на “Солидарност“ е Европската конфедерација на синдикатите (ETUC), додека улогата на технички координатор ја врши Фондацијата “Фридрих Еберт – Регионална канцеларија во Белград“.
Во РСС се вклучени синдикатите од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора. Од Република Македонија учествуваат Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати. ССМ го претставуваат претседателот д-р Живко Митревски и претседателот на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на РМ (ССЕСМ) Роберт Симоноски.
Примарната цел на Советот е придонес на синдикатите во ЕУ интеграцијата на земјите кандидатки во ЕУ, при што се разменуваат искуства и позитивни практики на синдикатите од земјите од регионот. Експертите ангажирани во Советот ги следат директивите на ЕУ, конвенциите на МОТ, ја промовираат синдикалната соработка, додека посебно поле на работа е синдикалното дејствување на младите.
Во продолжение го објавуваме комплетниот текст на Резолуцијата.
РЕЗОЛУЦИЈА НА РЕГИОНАЛНИОТ СИНДИКАЛЕН СОВЕТ “СОЛИДАРНОСТ“ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПОЛОЖБАТА НА МЛАДИТЕ ВО СИНДИКАТИТЕ
Светот се соочува со најголемата економска криза и со криза на трудот во последните 80 години, кризи кои посебно ги погодуваат младите. Членките на РСС “Солидарност“ ја препознаваат потребата за посветување посебно внимание на перспективите на младите. Растот на невработеноста, нееднаквата достапност до образованието и соодветни социјални услови водат кон зголемување на разликите кај вработеноста на младите, кон се поголемо социјално раслојување и бранови на емиграција. Можностите за вработување на младите во регионот се ретки - работните места се се поризични, без соодветна работно правна заштита, додека голем дел од понудата е во неформалниот сектор. Се намалуваат изгледите за обезбедување достоинствена пензија и соодветна социјална заштита. Еднаквата достапност на бесплатното образование и здравствената заштита се загрозени од намалувањето на буџетските издвојувања. На ослабениот пазар на работната сила е се потешко да се обезбеди напредување кон поквалитетни работни места и пораст на платите. Долгорочни последици се раст на незадоволството и на социјални разлики, како и загрозување на демократијата.
Поради таквата ситуација неопходно е синдикатите да пронајдат нови начини на синдикално организирање, како и да обезбедат заштита преку законите и колективните договори, со кои треба да се предвиди унапредување на положбата на младите, посебно на несигурните облици на вработување (работа на одредено време, привремено и повремено вработување, ангажмани преку агенциите и друго). РСС “Солидарност“ се залага преку социјалниот дијалог да се достигнат одржливи решенија кои ќе ја зголемат вработеноста и квалитетот на работните места. Исто така ќе продолжи да влијае на политиката на пазарот на трудот со цел поголеми вложувања во програмите на стручната обука на младите и квалитетна системска поддршка при наоѓањето соодветно работно место, како и заштита на правата во работниот однос.
РСС “Солидарност“ ќе работи на јакнење на структурите на младите во синдикатите, вмрежување на младите членови, меѓусебно и со други организации на млади, вложување во нивната едукација, информирање и зголемување на стручните нивои. Улогата на синдикатите е значајна и во обезбедувањето на поголема улога на младите во процесите и органите на одлучување и во формулирањето на синдикалните и јавните политики. РСС редовно ќе ги вклучува претставниците на младите во наредните чекори на својот развој. На младите мора да им се овозможи да ја обликуваат нивната иднина и свет кој ќе им овозможи повеќе можности за достоинствен труд и достоинствен живот.
Белград, 17 јули 2012 година
Регионален синдикален совет “Солидарност“