СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ ТОДОРОВ ОКОЛУ ПРОЕКТОТ ЗА ПЛАЌАЊЕ ПО УЧИНОК
Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа работен состанок на министерот за здравство Никола Тодоров со Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Лекарската комора, Одборот на лекари и Синдикатот на Клиничкиот центар – Скопје.
На средбата се дискутираше за актуелните состојби во здравството, односно за Проектот “Плаќање по учинок“.
Присутните ги поздрави претседателот на ССМ д-р Живко Митревски, кој истакна дека разговорите се резултат на прогресот на социјалниот дијалог во Република Македонија.
Министерот за здравство Тодоров ја образложи целта на проектот, додека претседателот на Самостојниот синдикат за здравство Љубиша Каранфиловски истакна дека постои потреба од прецизно документирање на сите ефекти и последици од новиот систем. Каранфиловски нагласи дека здравството е сложена област и дека треба да се посвети огромно внимание за секоја измена.
Претставниците на Синдикатот на Клиничкиот центар, Лекарската комора и Одборот на лекари ги изнесоа мислењата и аргументите на вработените во здравствените установи, по што е заклучено посебна работна група да продолжи со разговорите околу проектот со Министерството за здравство.