СОСТАНОК НА РЕГИОНАЛНИОТ СИНДИКАЛЕН СОВЕТ “СОЛИДАРНОСТ“
17.07.2012
На 17 и 18 јули во Белград се одржува состанок на Регионалниот синдикален совет “Солидарност“. На состанокот учествуваат синдикатите од земјите од регионот, и тоа од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора.
Од Република Македонија учествуваат Сојузот на синдикатите на Македонија и Коинфедерацијата на слободни синдикати. ССМ го претставуваат претседателот д-р Живко Митревски и претседателот на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на РМ (ССЕСМ) Роберт Симоноски. На собирот ќе учествува и Михаел Зомер, претседател на Германскиот сојуз на синдикати (DGB) и на Меѓународната конфедерација на синдикатите (МКЅ).
Според програмата синдикатите ќе поднесат извештаи за состојбите во земјите учеснички, ќе се усвои документот “Заеднички активности на РСС Солидарност во борбата за одржлив економски и социјален развој“ и ќе се усвои “Резолуција за положбата на младите на пазарот на трудот во условите на криза и унапредување на положбата на младите во синдикатите“.
Во рамките на средбата, која се одржува со помош на Фондацијата “Фридрих Еберт“, предвидена е посебна програма за мадите синдикалци. Денес се одржува состанок на младите синдикалци од земјите учеснички, кои посебно ќе се сретнат со претседателот на DGB Михаел Зомер. Од 18 до 21 јули во Стара Пазова се одржува “Куќа на фудбалот“, Првиот камп на младите членови на РСС “Солидарност“. Покрај спортскиот дел предвидено е усвојување на “Резолуција за унапредувањето на младите во синдикатите“, презентации на секциите, предавања за положбата на младите во кризата, политиката на пазарот на трудот, одржување работилници и други активности.
Основачкиот состанок на Регионалниот синдикален совет “Солидарност“ се одржа на 3 и 4 февруари во Белград, додека на 11 април 2011 година, во Љубљана, Република Словенија е потпишана Основачката повелба. Иницијатор за основање на “Солидарност“ е Европската конфедерација на синдикатите (ETUC), додека улогата на технички координатор ја врши Фондацијата “Фридрих Еберт – Регионална канцеларија во Белград“.
Примарната цел на Советот е придонес на синдикатите во ЕУ интеграцијата на земјите кандидатки, при што се разменуваат искуства и позитивни практики на синдикатите од земјите од регионот. Експертите ангажирани од Советот ги следат директивите на ЕУ, конвенциите на МОТ, ја промовираат синдикалната соработка, додека посебно поле на работа е синдикалното дејствување меѓу младите.