ПОТПИШАНА СПОГОДБА ЗА НАЈНИСКАТА ПЛАТА ВО ЗЕМЈОДЕЛИЕТО И ПРЕХРАНБЕНАТА ИНДУСТРИЈА
10.07.2012
Денес Синдикатот на работниците од Агроиндустрискиот комплекс (АГРО Синдикат), Здружението за земјоделие и Здружението на работодавачи од прехранбената индустрија при Организацијата на работодавачи на Македонија потпишаа Спогодба за утврдување пресметковна вредност за единица коефициент (најниска плата) за областа земјоделие и прехранбена индустрија.
Според Спогодбата најниската плата во прехранбената индустрија е утврдена на 9.100 денари и во земјоделието 8.080 денари, информираше претседателот на АГРО Синдикатот Живко Даневски. Износите се однесуваат на сезонските работници, додека посредно се однесуваат на вкупно 400.000 лица во зејава кои живеат од земјоделие. Инаку од последната спогодба во 2011 година тоа претставува зголемување од осум насто.
Потпишувањето на спогодбата го поздрави претседателот на ССМ д-р Живко Митревски, кој рече дека социјалните партнери бележат напредок во меѓусебната соработка и дека се прават напори и другите дејности да ги интензивираат овие процеси во нивните дејности.
Претседателот на Здружението на работодавачи од прехранбената индустрија Влатко Ѓорѓевски информираше дека спогодбата е резултат на сериозен пристап на синдикатот и работодавачите. Голем успех е што двете страни самите успеаја да се договорат.
Томислав Давков, претседател на Здружението за земјоделие нагласи дека двете страни имаа разбирање за потребата од усогласување и дека големо олеснување се Законот за работни односи и Законот за минимална плата.