ПРОДОЛЖЕН ОПШТИОТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР
26.06.2012Денес Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи склучија Спогодба за продолжување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Спогодбата ја потпишаа претседателот на ССМ д-р Живко Митревски и претседателот на ОРМ Ангел Димитров.
Исклучително е важно што колективниот договор го потпишуваме во услови на светска економска криза, која се чувствува и во Македонија. Со тоа ја покажуваме јасната желба на социјалните партнери да ги креираат односите и критериумите на работните права, изјави претседателот на ССМ д-р Живко Митревски.
Заедничкото почитување и уважувањето на меѓусебните разлики е клучен фактор во соработката на социјалните партнери, рече претседателот на ОРМ Ангел Димитров. Тој објасни дека, покрај другите измени, место терминот најниска плата се воведува категоријата “пресметковна вредност за единица коефициент“, со тоа што се остава можноста самите гранки да ги пресметуваат износите во дејностите.
На денешната свечена средба присуствуваше министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој нагласи дека потпишувањето на колективен договор без посредник е потврда дека социјалниот дијалог во Републкика Македонија е реалност. Владата ќе биде секогаш во близина кога се уредуваат работничките права. Им честитам на ССМ и ОРМ, затоа што склучување спогодба, во услови на економска криза, е реткост во регионот, нагласи министерот Ристовски.
Претседателот Митревски за медиумите изјави дека ги демантира злонамерните зборови на таканаречениот “експерт за работни права“, кој најавува некаков анонимен колективен договор во кој се кратат работничките права. Напротив, Спогодбата значи зајакнување на позицијата на социјалните партнери и одговорен однос во креирањето на социјалните односи и на правата од работен однос.
Денес исто така е склучена Спогодба за отпочнување преговори за изменување и дополнување на Општиот колективен договор од областа на стопанството, со која социјалните партнери си дадоа рок за исполнување од една година.
Спогодбата за продолжување на важноста на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и Усогласувањето на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (пречистен текст) се објавени на истиов сајт, во одделот Договори.