ЗАВРШНО СОВЕТУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ СО АВСТРИСКИОТ СИНДИКАТ “PRO – GE“
22.06.2012Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) и АГРО Синдикатот денес со австрискиот синдикат “PRO – GE“ денес во ССМ го одржаа завршното советување на Проектот “Функционирање на социјалниот дијалог на регионално и локално ниво“.
На денешното советување Герхард Рајс од “PRO - GE“, Мато Лалиќ од Хрватска и Јаким Милуновиќ од Србија, координатори и претставници на “ICEM/EMCEF/IMF/IUF/EFFAT“, ги сумираа резултатите од досегашното работење и ги одредија полињата на соработка за иднина. Инаку во рамките на проектот оваа и минатата година се одржаа повеќе советувања и семинари.
Македонските синдикалци оценија дека соработката и размената на искуства е извонредно плодна и информираа за најактуелните проблеми во синдикалното движење. Претседателот на АГРО Синдикатот Живко Даневски зборуваше за сезонските работници, колективното преговарање и плановите за реформи на земјоделскиот синдикат. Основните цели се колективните договори, утврдување најниски плати во дејностите и ново членство. Континуираната обука на членството носи резултати, но мора да се размислува за ангажирање професионални лица во синдикатот, извести Даневски.
Генералниот секретар на СГИП Благуна Стојковска информираше за работењето на црно, како еден од најголемите проблеми во градежништвото.
Дракче Димковски, регионален координатор на СИЕР за Тетово, истакна дека клучната цел на синдикатите е зголемување на членството. СИЕР има основано две регионални канцеларии, со тоа што во план е организирање на вкупно пет регионални претставништва.
Дискусијата се разви во правец на преиспитување на основните принципи на синдикалното движење во светот. Како што политиката и економијата се фактори на моќ, така и синдикатите, за да ја извршуваат нивната функција, треба да станат исто толку голем фактор на моќ, рече Мато Лалиќ. Јаким Милуновиќ ја потенцираше потребата од зачленување на младите работници во младински секции во синдикатите, затоа што тие се иднината на синдикалното движење.
На средбата се дискутираше и за информирањето на синдикатите, едукацијата на членството, правците на реформи и за други состојби.