РАБОТНА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО И АДМИНИСТРАЦИЈА
Предлог – законот за администрација, социјалниот дијалог и Колективниот договор за органите на управата беа теми на денешната работна средба на ССМ и УПОЗ (Синдикат на работниците од управата, правосудните ургани и здруженија на граѓани) со Министерството за информатичко општество и администрација.
На средбата од страна на ССМ присуствува претседателот д-р Живко Митревски, претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски, генералниот секретар на УПОЗ Милан Живковиќ и претседателот на Одборот за државни и јавни службеници на УПОЗ Зоран Георгиевски, додека од Министерството беа министерот Иво Ивановски и државниот советник за администрација Љупчо Фармакоски.
Договорено е во најкус можен рок УПОЗ да ги достави своите ставови, забелешки и барања околу Предлог – законот за администрација. Исто така, договорено е да се подигне нивото на социјалниот дијалог меѓу МИОА и УПОЗ, во правец на почести средби, размена на мислења, консултации и други видови контакти.
Во однос на Колективниот договор за органите на управата се дискутираше за потребата од дефинирање кое министерство (или министерства) треба да биде потписник на гранскиот колективен договор, додека од страна на синдикатите репрезентативен синдикат за вработените во органите на управата е УПОЗ. Колективниот договор за вработените во органите на управата треба да се усогласи во рок од шест месеци после потпишувањето на Општиот колективен договор за јавен сектор.