НА 23 ЈАНУАРИ КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ “АНТИ МОБИНГ МРЕЖА – МК“
Во понеделник, 23 јануари, во Сојузот на синдикатите на Македонија, со почеток во 11 часот ќе се одржи Првата годишна конференција на проектот “Анти мобинг мрежа – МК“.
На конференцијата ќе бидат презентирани резултатите од анкетата за состојбите со психичкото вознемирување на работните места, која беше спроведена во повеќе од 20 градови во Република Македонија.
Истовремено ќе се соопштат резултатите од едногодишното работење на Канцеларијата за помош и едукација на жртвите од мобинг на ССМ.
Според Програмата на конференцијата ќе зборуваат Живко Митревски, претседател на ССМ, Гоце Селовски, претседател на Синдикатот за финансиски дејности (СФДМ) и Димитар Стојановски, претседател на Организацијата на работодавачи.
Податоците од спроведената анкета ќе внесат поконкретни сознанија за состојбите околу психичкото вознемирување во работните средини во Македонија. Стручно спроведените сознанија секако ќе бидат основа за подигнување на квалитетот на борбата против мобингот и за создавање ефективни стратегии за заштита на мобираните лица.
Познато е дека во декември 2010 година ССМ и СФДМ отворија Канцеларија за помош и едукација на жртвите од мобинг. Екпертскиот тим на Канцеларијата одржува контакти со лицата кои сметаат дека се мобирани и кои бараат помош. Од основањето на Канцеларијата постепено бројот на обраќањата стануваат почести и затоа од четири се премина на осум часа работа.
Меѓу другите активности на ССМ околу мобингот е обуката на девет тренери и 80 антимобинг советници, кои беа едуцирани со помош на експерти од Хрватска. Овие лица се основа за созавање национална мрежа за борба против психичкото злоставување на работните места.
Синдикатот за финансиски дејности беше еден од носителите на двегодишниот регионален проект “Мрежа за здравје и заштита при работа“, во кој учествуваа синдикати од банкарскиот сектор и други институции од Македонија, Србија, Црна Гора и Хрватска. Регионалниот проект беше финансиран од Европската Комисија - Претпристапни фондови IPA 2008 Civil Society Facility. Во рамките на проектот беа одржани повеќе средби, конференции и други собири, на кои е потпишана Повелба за основање “Локална советодавна антимобинг мрежа“, која опфаќа четири земји од Западен Балкан.