ССМ ДО СОБРАНИЕТО ПОДНЕСЕ СВОИ КОНКРЕТНИ ПРЕДЛОЗИ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈ НА НЕВРАБОТЕНОСТ
Денес претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски, секретарот на Советот на ССМ Анѓелко Анѓелковски и претседателот на синдикатот СГИП Павел Трендафилов до Собранието службено ги поднесоа предлозите и ставовите на Претседателството на ССМ околу Предлог Законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Конкретно се предложени четири суштински измени во постојниот Предлог закон. Принципиелно ССМ бара полиберален и помалку рестриктивен пристап кон правото на надоместок и смета дека, согласно европските стандарди, повозрасните работници треба да имаат право на посебна заштита.
Во продолжение во целост ги пренесуваме обраќањето на ССМ до Собранието и предлозите на ССМ околу менувањето на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Собрание на РМ
Претседателот на Собранието на РМ
Г-дин Трајко Вељановски
Пратеници во Собранието на РМ
Почитуван Претседателе,
Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија на седницата одржана на 16.11.2011 го разгледа Предлогот на Закон за изменување на Закон за вработување и осигурување во случај на невработеност и донесе Мислења и предлози кои беа доставени до Владата на РМ .
При тоа од страна на ССМ како репрезентативен синдикат и релевантен социјален партнер, а во духот на натамошно унапредување на социјалниот дијалог кој во оваа тековна година беше респектиран од сите негови чинители, беше предложено по предложениот текст на Предлогот на закон да се расправа на Економско - социјален совет.
Со цел да биде конструктивен, да нуди модалитети и решенија за определени проблеми, ССМ зема активно учество и на собраниските комисии на кои беше разгледуван предложениот текст на законот. При тоа ја истакнавме нашата заложба за санкционирање на сите појави на злоупотреба на постојните одредби од законот при користењето на паричниот надоместок по основ на невработеност, но истовремено ССМ се заложи и предложи решенија кои воедно ќе значат и заштита на работниците кои се пред стекнување на услови за пензионирање, а кои со предложените измени на законот би биле доведени во тешка економска состојба .
Со ова обраќање уште еднаш ги доставуваме предлозите на ССМ за да се обезбеди заштитен механизам, пред се кога се во прашање повозрасните работници кои и според европските стандарди имаат право на посебна заштита.
Како по однос на ова прашање, така и по однос на сите останати прашања кои се поврзани со материјалната и социјалната сигурност на вработените, ССМ и понатаму како репрезентативен и респектиран субјект во социјалниот дијалог со свои предлози и мислења ќе придонесува за подобрување на социјалниот дијалог и материјалната состојба на вработените со свое активно учество во рамките на институциите на системот за решавање на горе наведените прашања .
Прилог : Предлог на Закон за изменување на Законот за вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност
Претседател
М- р Живко Митревски
СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
Предлог на Закон за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност
1.Во Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“бр 37/97, 25/2000, 101/2000, 50/2001 , 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/2010, 88/2010 и 51/2011), во членот 64 став 1 точка 4 во ред петти зборовите „пет години“ се заменуваат со зборовите: „ 18 месеци“.
Предлог на ССМ
Член 64 став 1 точка 4 да остане постојното решение на законот и тоа:
Право на пензиско и инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување на невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасуваат најмногу до пет години пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување
2.Предлог на ССМ
Во член 68 став 2, бројот 80% се заменува со бројот 50 % .
3.Во членот 71 став 3 ред трети зборовите „пет години“ се заменуваат со зборовите: „18 месеци“.
Предлог на ССМ
Член 71 став 3 се менува и гласи:
На невработено лице кое има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до пет години пред исполнување на услови за стекнување на право на старосна пензија, паричен надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок, доколку невработеното лице било осигурано во случај на невработеност во траење од најмалку 5 години кај работодавачот кај кого му престанал работниот однос .
4. Во членот 78 став 1 ред десети зборовите „5 години“ се заменуваат со зборовите: „18 месеци“.
Предлог на ССМ
Член 78 став 1 ред десетти да останат зборовите ,, 5 години ,,