ЧЕТИРИГОДИШЕН ПРОЕКТ НА СОРАБОТКА МЕЃУ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО И СИНДИКАТОТ ЗА ЗДРАВСТВО
Министерот за здравство Никола Тодоров и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски на денешната прес конференција најавија четиригодишен проект на соработка меѓу министерството и синдикатот.
Целите на планираната соработка се унапредување на статусот на работниците во здравствениот систем и заедничко креирање и унапредување на политките во областа на здравството.
“Ова е прв пат да се изгради ваква отворена соработка со здравствените работници. Заштитата на работниците, унапредувањето на нивниот статус и решавањето на секојдневните проблеми се приоритетни цели на договорената соработка. Не можеме да кажеме дека сме постигнале успех ако имаме ситуација на задоволен пациент и незадоволен здравствен работник и обратно. Таков дибаланс е извор на постојани проблеми во системот и затоа со синдикатот ќе организираме работни средби и колегиуми во сите здравствени установи во земјата. На тој начин за прв пат во Македонија ќе креираме систем на здравствена политика блиска до здравствените работници, која ќе се заснова на политики кои произлегуваат директно од потребите на здравствените работници“, изјави министерот Тодоров.
Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски истакна дека соработката овозможува нов импулс на социјалниот дијалог. “Бевме изненадени од ваквата иницијатива, но со новиот пристап ќе можеме на терен да ги детектираме проблемите. Свесни сме дека во овој момент здравството се наоѓа во тешка состојба, посебно поради неочекуваните побарувања по основ на здравствени услуги и ограничените средства. Во таква ситуација е тешко да се постави нормално функционирање. Меѓутоа, алките во здравствениот систем мора да се почитуваат и да соработуваат. Работењето на терен значи многу тешка работа, но во принцип нуди многу подобри резултати во разрешувањето на проблемите“, изјави Каранфиловски.
Министерот и претседателот информираа дека заеднички ќе се организираат работни средби со стручните колегиуми на сите здравствени установи во земјата, додека Каранфиловски изнесе дека веќе се детектирани конкретни проблеми во неколку здравствени установи.