ОДРЖАНА ЗАВРШНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА РЕГИОНАЛНИОТ ПРОЕКТ ЗА МОБИНГ
Од 23 до 26 октомври во Макарска, Република Хрватска, се одржа Завршната конференција на проектот “Мрежа за здравје и заштита при работа“. Проектот започна пред две години, со учесто на синдикати од финансиските дејности и други институции од Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Од Македонија учествуваа Синдикатот на финансиските дејности (СФДМ), додека во делегацијата беа вклучени Сојузот на синдикатите на Македонија, Владата, Министерството за труд и социјална политика, Организацијата на работодавачи, Правниот факултет “Јустинијан Први“ и други организации и институции.
Целта на проектот “Мрежа за здравје и заштита при работа“, кој е финансиран од Европската Комисија - Претпристапните фондови IPA 2008 Civil Society Facility, е превенција против мобинот и создавање мрежи за борба против психичкото вознемирување на работното место.
На конференцијата во Макарска, после воведните излагања на Крешимир Север од Незвисните хрватски синдикати, Рудолф Карацман од Австрија и претставникот на Владата на Хрватска Јозо Сарач беа одржани презентации на досегашното работење на проблематиката мобинг во четирите земји учеснички.
На презентацијата за Македонија Гоце Селовски, претседател на СФДМ, информираше за многубројните активности на овој план во Република Македонија. Селовски посебно ја истакна соработката со Сојузот на синдикатите на Македонија, со Организацијата на работодавачи, додека подеднакво е важна соработката со научните институции – факултетите, професионалните друштва и невладините организации.
Значајни резултати се постигнати во однос на едукацијата, при што, со помош на експертите од Хрватска, се обучени девет тренери и 80 антимобинг советници. ССМ и СФДМ во декември 2010 година отворија Канцеларија за помош на жртвите од мобинг, во чиј Експертски тим се вклучени лица од правната наука, здравството, невладините организации. Решавањето на проблемите на жртвите од мобинг е комплексно прашање, кое бара знаење, стручност, компетентност и се повеќе време. Имено, обраќањата до Канцеларијата стануваат почести и затоа место четири се премина на осум часа работа, истакна Селовски, кој ги презентираше резултатите од анкетата за состојбата со мобингот во Македонија. За учесниците беше доста интересен податокот дека 66,7 отсто од анкетираните навеле дека се злоставувани на работното место.
За резултатите од извршената анализа во последните шест месеци зборуваше Емилија Угриновска, додека за пружената правна помош адвокатот Мирјана Марковска Андревска, инаку двете членови на Експертскиот тим.
Свои излагања имаа Светлана Васиљевиќ и Елвира Коиќ од Хрватска, домаќини и лидери на конференцијата, како и Јадранка Аостоловски, претседателна на Здружението “Мобинг“ од Загреб, кое е лидер на целиот проект. За состојбите во Црна Гора зворуваше Крсто Пејовиќ од Синдикатот за финансиски дејности на Црна Гора, додека за Србија Мара Ердељ од синдикатот БОФОС.
На конференцијата е потпишана Повелба за основање на “Локална советодавна антимобинг мрежа“. Повелбата ја потпишаа Јадранка Апостоловски, Мара Ердељ, Крсто Пејовиќ и Гоце Селовски. Основањето на Локалната антимобинг мрежа има за цел понатамошна работа околу превенцијата и борбата против мобингот во четири земји од Западен Балкан.
(Целосниот Извештај за Завршната конференција на Регионалниот проект “Мрежа за здравје и заштита при работа“ е поставен на истиов портал, во одделот МОБИНГ.)