ОДРЖАН СЕМИНАР ЗА МЛАДИТЕ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ
“Младите на пазарот на трудот“ е темата на семинарот што денес се одржа во Сојузот на синдикатите на Македонија, во организација на Секцијата на млади. На семинарот учествуваа претседателот на ССМ Живко Митревски и членки на Секцијата на жени при ССМ, кои беа поканети поради блискоста на состојбите кои подеднакво ги погаѓаат младите и жените.
Предавачи беа Емил Крстаноски, национален координатор на Меѓународната организација на трудот во Македонија, кој зборуваше на тема “Младите во срцето на пристојната работа“, и Александар Ристовски, чија тема беше “Современите трендови на развој на работните односи“
Координаторот на МОТ Емил Крстаноски ги запозна присутните со принципите на работењето и со ангажманите на МОТ во Република Македонија, со посебен акцент на соработката на МОТ со ССМ. Тој истакна дека младите и жените во целиот свет, како и во Македонија, се две ранливи групи, на кои треба да им се обрне големо внимание. Една од последиците на позицијата на младите во државата е високото ниво на емиграција во западните земји. Крстаноски порача дека позицијата на младите на пазарот на трудот и одливот на мозоци може да биде една од основните агенди на Секцијата на млади на ССМ.
Александар Ристовски зборуваше за новите трендови и модели на работни договори во светот. Тој посебно се задржа на флексибилното работно време и на скратеното работно време, појави што добиваат нови облици и форми во целиот свет. Македонија не може да остане надвор од движењата на глобализацијата, дислокацијата на економијата, мобилноста на претпријатијата и од другите современи појави во светот, така што новите концепции треба да се применат и во македонското работно законодавство. Во однос на социјалниот дијалог Ристовски потенцираше дека без развиен социјален дијалог не може да постои добро трудово законодавство.
Во склоп на семинарот Секцијата на млади пристапи кон конституирање на Секретаријатот, избор на членови и дефинирање на приоритетните области за идните активности.