ВО СТРУГА СЕ ОДРЖУВА 11-ТА ЕНЕРГЕТСКА ТРКАЛЕЗНА МАСА ЗА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
07.09.2011Во Струга на 6 и 7 септември се одржува Единаесеттата тркалезна маса на синдикатите од енергетиката на Југоисточна Европа. Целта на собирот е енергетската состојба во регионот, социјалниот дијалог и колективното договарање...
На 6 и 7 септември во Струга, во организација на Европската федерација на синдикатите за јавни услуги (EPSU), Фондацијата “Фридрих Еберт“ и на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на Македонија (ССЕСМ), се одржува Единаесеттата енергетска тркалезна маса за Југоисточна Европа.
На собирот учествуваат синдикатите од Југоисточна Европа од областа на енергетиката, и тоа од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија, како и претставници на Европската енергетска комисија и на организацијата EMCEF. Покрај организаторот ССЕСМ од Македонија учествуваат претставници од Министерството за економија и на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија.
Целта на тркалезната маса е согледување на енергетската ситуација во Југоисточна Европа и позицијата на Македонија, напредокот на колективното договарање, напредувањето на Енергетската заедница во регионот, европскиот социјален дијалог од областа на гасот и електричната енергија, имплементирање на Меморандумот на разбирање и социјалните аспекти за Енергетската спогодба на Југоисточна Европа, планирање и преземање идни активности и заеднички синдикални стратегии и соработка за енергетско снабдување и инвестирање во регионот, согледување на улогата на Постојаниот комитет на EPSU и улогата на јавните комунални услуги.