ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛНИОТ СОВЕТ УТВРДИ ДИНАМИКА ЗА ОДРЕДУВАЊЕ НА НАЈНИСКАТА ПЛАТА

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
01-09-2011-ssm-najniska-plata-3
Живко Митревски: Oва е историски чин за социјалните односи во државата
На денешната Шеста седница на Економско – социјалниот совет трите социјални партнери, Министерството за труд и социјална политика од страна на Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати од страна на синдикатите и Организацијата на работодавачи,  постигнаа согласност за утврдување најниска плата во Република Македонија

За синдикатите овој чекор е историски, затоа што најниската плата влегува во нивната основна агенда. Можеме да констатираме дека од денес материјалната и социјалната положба на работниците почнува да добива нова димензија. Решавањето на ова прашање е значајно не само за работниците, туку и за работодавачите, за унапредување на бизнис климата и воопшто за социјалната стабилност на државата, изјави за медиумите претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски, во текот на одржувањето на седницата на Економско – социјалниот совет.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски изјави дека денес е прифатен генерален концепт за утврдување на најниската плата во Република Македонија. Владата останува на ставот за скоро решавање на ова прашање и оттаму Министерството добива силна поддршка. Ќе се формираат работни групи, со претставници на Владата, синдикатите и работодавачите, кои треба интензивно да работат на усогласување на ставовите. Во наредните 15 дена очекуваме да се стигне до првите предлози, додека во еден разумен рок од триесеттина дена очекувам да излеземе со првите конкретни износи, изјави министерот Спиро Ристовски.

Раско Мишкоски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати, исто така изрази задоволство од договорот на денешната седница. Не охрабрува што Владата остана доследна на барањата на синдикатите еднаш да се реши ова клучно прашање за социјалната положба на вработените.

Синдикатите и работодавачите со свои ставови и со надеж за постигнување согласност
Синдикатите и работодавачите со свои ставови и со надеж за постигнување согласност

Од страна на Организацијата на работодавачи беше сугерирано дека постојат отворени прашања, кои наредните 30 дена секако треба да се дефинираат. Димитар Стојановски, претседател на ОРМ, за медиумите изјави дека едно од тие прашања е дали треба да се разговара за најниската плата како за економска или социјална категорија и дали најниската плата да се утврди со закон или со колективен договор. ОРМ е за опцијата најниската плата да биде третирана како економска категорија, затоа што треба да се води сметка за финансиската положба на стопанството и за различните состојби во стопанските гранки. Но и Стојановски рече дека е оптимист за постигнување согласност на социјалните партнери.

Членовите на ЕСС исто така ги информираа медиумите дека на денешната седница е расправано за Предлог – законот за европски работнички совети. Станува збор за исполнување на една од директивите на Европската Унија, кои се услов за евроинтеграцијата на Република Македонија. Министерот Спиро Ристовски рече дека донесувањето на законот ќе придонесе за информираноста на работниците и за нивно учество во  работењето на претпријатијата, посебно на интернационалните компании и претпријатијата поврзани со Европската Унија.

Работнички совети во претпријатијата се наша дамнешна идеја и оттаму произлегува нашиот жив интерес за донесување на овој закон. Подолго време работиме на ова прашање и активно ќе поднесуваме предлози, при што ќе ги користиме искуствата од Меѓународната организација на трудот, Европската конфедерација на синдикати и од земјите од окружувањето, нагласи претседателот на ССМ Живко Митревски.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc