МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАНИЕ ЗА МАКЕДОНСКИОТ СИНДИКАТ НА ГРАДЕЖНИЦИТЕ

На конференцијата на Меѓународната организација на синдикатите од градежништвото, шумарството и дрвната индустрија во Мадрид во ударни термини ќе се емитува видео приказ за ангажманот на Македонскиот синдикат за градежништво. Тоа е признание за новиот стил на работа на СГИП...
Европскиот комитет на синдикатите од градежништвото, шумарството и дрвната индустрија (BWI), на конференцијата што ќе се одржи на 19 и 20 октомври во Мадрид, во ударниот термин ќе ротира видео приказ за активностите на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП). Тоа е еден вид признание од BWI, кој е нарачател на видео сторијата, за вкупните активности на нејзината членка СГИП, единствен синдикат од градежништвото од Источна Европа што добива таква сатисфакција.
Секако дека одлуката на BWI за наше претставување на конференцијата, на која ќе учествуваат синдикатите од 29 европски земји, пријатно не изненади, но морам да напоменам дека таа е резултат на две работи. Прво, тоа е повеќегодишната соработка, во која со меѓународниот синдикат успеавме во Република Македонија да поставиме значајни прашања и да работиме на нивното реализирање – во прв ред се работи за законско сузбивање на работењето на црно во градежништвото. Второ, BWI го следи и го одобрува новиот тип на работа на СГИП. Се определивме за активност, работа на терен, секојдневно присуство и комуникација меѓу луѓето, информира претседателот на СГИП Павел Трендафилов. Синдикалната агенда е позната: правата од работен однос, безбедноста и здравјето и животниот стандард на градежниците, но сметаме на секојдневни, директни контакти на вработените во градежништвото со нивниот синдикат.

Посебно отскокнува Секцијата на млади, која е службено забележана од страна на BWI како една од најдобро организираните младински секции во европските синдикати од градежништвото. Елена Тримческа, координатор на секцијата, објаснува дека новите генерации во оваа индустриска гранка се мотивирани за вклучување во синдикатот. Собирите ги одржуваме на отворено, или во кафулињата, што е поприродна средина за нас. Така Секцијата на млади на 4 јули одржа семинар на градилиштето покрај кејот во центарот на Скопје.

Крсте Мицевски, координатор за безбедност и здравје, вели дека неколкуте несреќи во последните месеци на градилиштата се мотив повеќе за засилен ангажман на СГИП. Посетени се градилиштата “Света Петка“ и проектите на “Скопје 2014“, компаниите “Цементарница – Усје“ и “Кнауф Радика“, додека во план се посети на “Тондах“ во Виница, “ИГМ“ во Џумајлија и други. Ги бележиме состојбите, водиме записници со претставниците за безбедност и здравје, ги регистрираме техничките стандарди на безбедноста. Оттаму ќе произлезат наши предлози за дополнување на Законот за безбедност и здравје, објаснува Мицевски.

Токму решавањето на еден крупен недостаток во економскиот систем ја одбележа агендата на СГИП во изминатите пет години. Тоа е имплементацијата на “Конвенцијата 94“ на Меѓународната организација на трудот во македонското законодавство. Се работи за усвојување на социјални стандарди во јавните тендери, односно право на учество на тендер би добивале само регуларните претпријатија – оние со соодветна техника и со пријавени работници, на кои им се плаќаат сите придонеси. Тоа значи дека се елиминира корупцијата во јавните набавки, ангажирањето на фантомски фирми, кои после како подизведувачи ги ангажираат реалните претпријатија. Другата корист е отстранување на работењето на црно во градежништвото, што и сега е доста присутна појава, информира претседателот на СГИП.
За Конвенцијата 94 СГИП заедно со BWI организира две меѓународни конференции, додека минатата година Собранието ја ратификува конвенцијата на МОТ. Сегапред СГИП е потешкиот дел, вистинско внесување на одредбите на конвенцијата во македонското законодавство.