МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАНИЕ ЗА МАКЕДОНСКИОТ СИНДИКАТ НА ГРАДЕЖНИЦИТЕ
15.07.2011На конференцијата на Меѓународната организација на синдикатите од градежништвото, шумарството и дрвната индустрија во Мадрид во ударни термини ќе се емитува видео приказ за ангажманот на Македонскиот синдикат за градежништво. Тоа е признание за новиот стил на работа на СГИП...
Европскиот комитет на синдикатите од градежништвото, шумарството и дрвната индустрија (BWI), на конференцијата што ќе се одржи на 19 и 20 октомври во Мадрид, во ударниот термин ќе ротира видео приказ за активностите на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП). Тоа е еден вид признание од BWI, кој е нарачател на видео сторијата, за вкупните активности на нејзината членка СГИП, единствен синдикат од градежништвото од Источна Европа што добива таква сатисфакција.
Секако дека одлуката на BWI за наше претставување на конференцијата, на која ќе учествуваат синдикатите од 29 европски земји, пријатно не изненади, но морам да напоменам дека таа е резултат на две работи. Прво, тоа е повеќегодишната соработка, во која со меѓународниот синдикат успеавме во Република Македонија да поставиме значајни прашања и да работиме на нивното реализирање – во прв ред се работи за законско сузбивање на работењето на црно во градежништвото. Второ, BWI го следи и го одобрува новиот тип на работа на СГИП. Се определивме за активност, работа на терен, секојдневно присуство и комуникација меѓу луѓето, информира претседателот на СГИП Павел Трендафилов. Синдикалната агенда е позната: правата од работен однос, безбедноста и здравјето и животниот стандард на градежниците, но сметаме на секојдневни, директни контакти на вработените во градежништвото со нивниот синдикат.
Формирањето на четири помошни тела е дел од концепцијата што ја развива СГИП. Имено, во февруари оваа година се формирани координативните тела за безбедност и здравје, за колективно договарање и зачленување, Секцијата на жени и Секцијата на млади. Целта на потесната специјализација на овие координативни тела е поттик за остварување непосредна, неформална и блиска комуникацијата меѓу македонските градежни работници.Посебно отскокнува Секцијата на млади, која е службено забележана од страна на BWI како една од најдобро организираните младински секции во европските синдикати од градежништвото. Елена Тримческа, координатор на секцијата, објаснува дека новите генерации во оваа индустриска гранка се мотивирани за вклучување во синдикатот. Собирите ги одржуваме на отворено, или во кафулињата, што е поприродна средина за нас. Така Секцијата на млади на 4 јули одржа семинар на градилиштето покрај кејот во центарот на Скопје.
Секцијата на жени исто така на 25 јуни одржа семинар во манастирот “Свети Атанасиј“, во селото Лешок покрај Тетово. Целта на семинарот “Жената работничка – синдикалка – родителка“ е да се вклучат што повеќе припаднички на понежниот пол во градежниот синдикат. Координаторот Елена Камберска зборува за специфичната положба на жените во оваа индустрија, во која тешкиот физички труд и работата на терен се вообичаен работен амбиент.Крсте Мицевски, координатор за безбедност и здравје, вели дека неколкуте несреќи во последните месеци на градилиштата се мотив повеќе за засилен ангажман на СГИП. Посетени се градилиштата “Света Петка“ и проектите на “Скопје 2014“, компаниите “Цементарница – Усје“ и “Кнауф Радика“, додека во план се посети на “Тондах“ во Виница, “ИГМ“ во Џумајлија и други. Ги бележиме состојбите, водиме записници со претставниците за безбедност и здравје, ги регистрираме техничките стандарди на безбедноста. Оттаму ќе произлезат наши предлози за дополнување на Законот за безбедност и здравје, објаснува Мицевски.
Еден од резултатите на ангажманот е зачленувањето на четири нови претпријатија од гранката во СГИП, вели Трендафилов. Македонското градежништво имаше свои блескави периоди, падови, потреси, трпеше и се уште трпи последици од недостатоците на економски систем, но во секој случај останува една од темелните индустриски гранки на оваа земја.
Токму решавањето на еден крупен недостаток во економскиот систем ја одбележа агендата на СГИП во изминатите пет години. Тоа е имплементацијата на “Конвенцијата 94“ на Меѓународната организација на трудот во македонското законодавство. Се работи за усвојување на социјални стандарди во јавните тендери, односно право на учество на тендер би добивале само регуларните претпријатија – оние со соодветна техника и со пријавени работници, на кои им се плаќаат сите придонеси. Тоа значи дека се елиминира корупцијата во јавните набавки, ангажирањето на фантомски фирми, кои после како подизведувачи ги ангажираат реалните претпријатија. Другата корист е отстранување на работењето на црно во градежништвото, што и сега е доста присутна појава, информира претседателот на СГИП.
За Конвенцијата 94 СГИП заедно со BWI организира две меѓународни конференции, додека минатата година Собранието ја ратификува конвенцијата на МОТ. Сегапред СГИП е потешкиот дел, вистинско внесување на одредбите на конвенцијата во македонското законодавство.