ЕКИПИРАНИ СЕКЦИИТЕ ЗА МЛАДИ И ЗА ЖЕНИ
13.06.2011
За претседател на Секцијата на жени при ССМ е избрана Елизабета Гелевска. Нов претседател на Секцијата на млади е Ирена Смиљановска...



Двете секции на Сојузот на синдикатите на Македонија, Секцијата на жени и Секцијата на млади, минатата недела одржаа свои конференции, на кои беа избрани нови претседатели. Елизабета Гелевска е избрана за претседател на Секцијата на жени при Сојузот на синдикатите на Македонија, додека нов претседател на Секцијата на млади при ССМ е Ирена Смиљановска.
На 8 јуни во Охрид Секцијата на млади, после одржувањето на семинарот “Синдикалното лидерство и младите“, ја одржа Втората конференција, на која се донесени Програма за наредниот период и Правилник за работа. Исто така е конституиран новиот состав на Извршниот одбор, кој го сочинуваат млади синдикалци, членови на гранковите синдикати здружени во ССМ.
Претседател на Секцијата на млади во досегашниот период беше Радојка Хелман Денковска. Ирена Смиљановска е стручен соработник во Кабинетот на претседателот на ССМ. Инаку Конференцијата се одржа после семинарот “Синдикалното лидерство и младите“, што го организираа ССМ и Фондацијата “Фридрих Еберт“.
Секцијата на жени на 9 јуни ја одржа Третата конференција, на која е утврден составот на новиот Извршен одбор, чии 19 члена се претставнички на секциите на жени во гранковите синдикати. На конференцијата се усвоени Програма за наредниот период и Правилник за работа. Конференцијата се одржа во Охрид, заедно со Семинарот “Родовата еднаквост во Република Македонија“, што исто така го организираа ССМ и Фондацијата “Фридрих Еберт“.
Досегашен претседател на Секцијата на жени беше Гордица Бошковска, правен застапник во Регионалното синдикално претставништво на ССМ во Куманово. Елизабета Гелевска е секретар на Синдикатот за текстил, кожа и чевли (СТКЧ).