ТРИБИНА ЗА МИРНО РЕШАВАЊЕ НА РАБОТНИТЕ СПОРОВИ

Капацитетите на македонското судство во решавањето на работните спорови можат да бидат чекор кон тенденцијата за формирање посебни работни судови, беше кажано на трибината на ССМ што се одржа во Охрид...

“Судската пракса од работните спорови и потреба од организирање специјализирани трудови судови“ и “Мирно решавање на работните спорови согласно Законот за мирно решавање на спорови и медијација“ се двете теми на трибината што се одржа во Охрид на 30 мај. Трибината се одржа во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија, Регионалното синдикално претставништво на ССМ во Охрид и Фондацијата “Фридрих Еберт - Канцеларија Скопје“.
Искуството зборува дека судството во Македонија има капацитети за да се организира посебен суд за работните спорови, изјави претседателот на Регионалното синдикално претставништво на ССМ во Охрид Драган Цветаноски. И досега добро функционираат одделенијата за заштита на работните спорови и на правата на работниците. Доколку има потреба добро е да се организираат посебни судови за работните спорови, кои ќе се занимаваат исклучително со оваа проблематика. Цветаноски потсети на практиката од поранешната федерација, во која имаше посебни судови на здружен труд.
Богоја Стрезовски, судија во Основниот суд во Охрид, и предавач на првата тема, објасни дека станува збор за стручна и обемна материја. Ќе има позитивни резултати поради искуството на судиите кои подолго време работат на овие предмети. Специјализираните судии во рамките на одделенијата за работни односи можат да бидат чекор во тенденцијата за формирање посебни работни судови, рече Стрезовски.
На трибината беше кажано дека новите измени во Законот за процесна постапка налагаат задолжително упатување на странките да ги решаваат работните спорови по мирен пат.
Стрезовски додаде дека досега немало екстремни случаи и дека решавањето беше оставено на волјата на странките. Меѓутоа, со измените на законот отсега натаму ќе има задолжителна обврска за упатување на странките најпрво да се обидат да го решат спорот по мирен пат. На тој начин ќе дојде до растоварување на судството, додека другата корист е зголемување на довербата меѓу странките.
За првата тема на трибината предаваше и Петкана Јадроска од Апелациониот суд во Битола, додека предавач за втората беше Зоран Петковиќ, претседател на Комората на медијатори во Скопје.
На 10 мај во Прилеп, исто така во организација на ССМ, Регионалното синдикално претставништво на ССМ во Прилеп и “Фридрих Еберт“ беше одржана трибина на истата тема, на која предавачи беа Петкана Јадроска и Виолета Поповска Тројачанец, судија во Основниот суд во Прилеп.