РЕГИОНАЛЕН СЕМИНАР ЗА МОБИНГ НА СРЕДНА И ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
25.05.2011
Земјите од Западен Балкан имаат значителен напредок и резултати околу мобингот, заклучено е на Регионалниот семинар што се одржа во Келебија, Република Србија. На семинарот учествуваа претставници на синдикатите од Македонија, Србија, Чешка, Словачка, Црна Гора и Унгарија...
Четири земји од Западен Балкан, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора, имаат значителен напредок и резултати околу заштитата од психичкото малтретирање на работното место, односно мобингот, заклучено е на Регионалниот семинар за мобингот на земјите од средна и југоисточна Европа, што се одржа од 19 до 22 мај 2011 година во пограничното место Келебија, Република Србија.
На семинарот, што се одржа во организација на Светската организација на работници (World Organization of Workers), учествуваа претставници на синдикатите од Македонија, Србија, Чешка, Словачка, Црна Гора и Унгарија. Од страна на Синдикатот за финансиски дејности на Македонија (СФДМ) учесници беа претседателот Гоце Селовски и Владимир Кацарски.
Во заедничкиот заклучок е наведено дека најмногу имаат постигнато Македонија и Србија, и тоа во однос на едукацијата, превенцијата и заштитата од мобингот. Во земјите од Западен Балкан постојат обучени експерти за мобинг, кои можат да придонесат во едукацијата на другите земји од југоисточна, средна и западна Европа. Другите земји кои учествуваа на семинарот се се уште на почеток на процесот на запознавање и подготовки и конкретно дејствување околу мобингот.
Темата на семинарот беше “Здравје на работното место“, во чии рамки беа обработени областите “Стрес и Burn out – превенција“, “Мобинг, Bossing (командување) и Staffing (водење на персоналот), “Полова рамноправност – работна медицина и “Фитнес на работното место и здрава исхрана“. Овие области ги водеа Катарина Ритмаер, секретар на FSC/GPA, Херберт Фризенбишлер, психолог од Австрија и доктор Јелка Родиќ – Стругар од Србија.
На средбата е одлучено наредниот семинар да се одржи во Унгарија во втората половина на мај следната година. Секоја земја треба да испрати по тројца учесници, при што треба да се води сметка за старосната и половата структура, осносно меѓу тројцата претставници да има лице од женски пол и лице помладо од 40 години.