ОДРЖАНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
12.05.2011
Соработката меѓу работодавачите, синдикатите и владите во земјите од регионот не е на задоволувачко ниво. Состојбата во аграрниот сектор е слична во полноправните членки и во земјите кандидати во Унијата...

Ова меѓу другото беше заклучено на меѓународната конференција “Поддршка на социјалниот дијалог на новите членки во Европската Унија и земјите кандидатки“, што се одржа на 11 и 12 мај во Скопје. Конференцијата се однесуваше на агрокултурниот сектор и оттаму организатори беа Групацијата на работодавачи на земјоделските организации на ЕУ - GEОРА и Европската федерација на синдикатите за храна, агрокултура и туризам - EFFAT, додека домаќин беше Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Република Македонија (АГРО Синдикат). Овој собир е четврти по ред, додека следната конференција ќе се одржи во Република Хрватска.
Претставниците од синдикатите и работодавачите од петте земји учесници, Бугарија, Хрватска, Романија, Турција и Македонија, отсликувајќи ја состојбата во нивните земји, посведочија дека општите состојби во земјоделството се далеку од задоволувачки, што се однесува и на социјалниот дијалог во аграрниот сектор. Како што рече Маринко Врсаљко од хрватскиот синдикат “Перспектива“, има периоди на добар и не толку добар социјален дијалог.
Изненадува податокот дека во Бугарија и Романија, нови членки на Унијата, земјоделството е во состојба слична како во државните надвор од ЕУ. Светла Василева информираше дека са две децении бројот на луѓето кои живеат од земјоделство е паднат од 690.000 на 370.000. Се случува земјоделците во Бугарија да бидат жртви на бирократскиот апарат, па така тие плаќаат огромни казни за ненавремено враќање на кредитите. Синдикатите донекаде учествуваат во одлучувањето, но се без поголемо влијание.
Посебна приказна е Турција, десетта аграрна сила во светот, во која една четвртина од населението опстанува од земјоделството. Турскиот претставник Евет Дузалиер потврди дека и покрај просперитетот не се остварува солиден социјален дијалог. Се случува работодавачите да ги отпуштат работниците ако дознаат дека се членови на синдикат. Постојат колективни договори, со регулирано работно време, надомест за прекувремена работа, боледувања и други прашања, но има уште доста нерешени проблеми, како нерамноправноста на мажите и жените. Имено, платата на работник во аграрниот сектор во Турција е 450 евра, додека за истата работа жена прима 370 евра.
Турскиот синдикалец имаше забелешка на односот на претставниците на Унијата во овие собири. Место да не сослушаат и да ги забележат нашите проблеми, тие го прават обратното, па работите се изопачуваат, предупреди Дузалиер..
Претседателот на АГРО Синдикатот Живко Даневски при отсликувањето на состојбата во Македонија објасни дека по периодот на застој се чувствува напредок на социјалниот дијалог во аграрниот сектор. Постојат тешкотии при преговарањето и склучувањето колективни договори на ниво на претпријатие, поради отпорот на некои работодавачи кои не можат да се адаптираат на европското законодавство. Сепак се очекува и тој проблем да се надмине.
Еден од новите цели на АГРО Синдикатот е регулирање на позицијата на сезонските работници. Иницијативата и клаузулите за нив се се уште во почетна фаза, но синдикатот смета дека треба да има силна улога при склучувањето на договорите за работа. Ќе се бараат бенефиции за пензиското и здравственото осигурување, како и почитување на законот во однос на прекувремените часови, објасни Даневски.
Од земјава на конференцијата учествуваа и потпретседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, кој истакна дека земјоделството ја спасува социјалната состојба. Аграрот учествува со 12 отсто во бруто домашниот производ, со 16 отсто кај прехранбената индустрија, додека ангажира 17 отсто од вработените. Или, според Андре Секуловски, во Македонија постојат 192.378 земјоделски семејни стопанства, па затоа мора да се бараат начини за застапување на нивните потреби во економската политика.
Арндт Шпан, политички секретар на EFFAT, порача дека целта на проектот е социјалниот дијалог, намалување на разликите, намалување на сиромаштијата и безбедноста и здравјето при работа. И Жан Пјер Капуч, секретарот за агрокултурниот сектор на ЕФФАТ, изјави дека концептот на европскиот социјален дијалог треба да се инсталира во регионот. Охрабрувачки е што очигледно во Македонија постои силна волја за уредување на односите во аграрниот сектор.