ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА
28.04.2011
Денес во Скопје беше одбележан 28. Април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа. На предлог на синдикатите се доделени пригодни признанија за три претпријатија...
Денес во Скопје, во хотелот “Холидеј ин“, свечено беше одбележан 28. Април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа. На свеченоста, која ја организира Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) учествуваа претставници на социјалните партнери – синдикатите, работодавачите и Владата, на Државниот инспекторат за труд, на Меѓународната организација на трудот, Кралството Норвешка и други.
Оваа година, на предлог на синдикатите, беа доделени плакети на три претпријатија: “Империјал табако ТБЦ“, Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје“ и “Арчелор Митал“. За првпат се доделени индивидуални признанија на инспекторите на Државниот инспекторат Слоботка С. Таушанова, Петраки Поп – Андоновски и Агим Шаќири. Инаку минатата година предлозите за признанија ги доставија работодавачите.
Од името на Сојузот на синдикатите на присутните се обрати претседателот Живко Митревски, кој ги објасни ставовите на синдикатот. Денешниот ден е во пресрет на празникот Први мај, но ние придаваме подеднаква важност на заложбите за подобрување на безбедноста при работа. И покрај брзиот развој на техниката статистиката покажува дека се уште има голем број повреди, па и смртно настрадани луѓе при извршувањето на нивните работни обврски. Тоа покажува дека е време уште повеќе да ја засилиме соработката, да се обединиме и да создадеме подобри и побезбедни работните услови за луѓето. Правото на безбедни услови е едно од основните права на работникот. Ставовите на ССМ се: сите субјекти заедно да придонесуваат за заштитата; не се доволни само заложбите, туку практичните акции; да ја подигнуваме свеста на вработените и на работодавачите; безбедноста и здравјето се клучен фактор за економскиот развој, нагласи Митревски.
На свеченоста, која ја организираше МЗЗПР, се обратија министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, Киринзи Ерозе, претставник на МОТ за Југоисточна Европа – седиште Будимпешта, Горан Ивановски, директор на Државниот инспекторат за труд, Љубе Стојковски од Конфедерацијата на слободни синдикати, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата и други.
Мотото на вкупните залагања од областа за 2011 година гласи “Системи за управување со безбедност и здравје при работа: алатка за постојано подобрување“.
На свечаноста беше претставен прирачникот “Системи за управување со БЗР: Алатка за постојано подобрување“, чиј издавач е Меѓународната организација на трудот.