НА ПРВОМАЈСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗАПОЧНУВА КАМПАЊАТА НА ССМ ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА
27.04.2011
“Минимална плата – потреба и обврска за материјална и социјална сигурност на вработените“ е централна расправа на Првомајската конференција на ССМ. Одбележан и Светскиот ден за безбедност и здравје при работа...


Ова денес го истакна претседателот на ССМ Живко Митревски, во неговото излагање на Конференцијата “Минимална плата – потреба и обврска за материјална и социјална сигурност на вработените“. На конференцијата, која се одржа со поддршка на Фондацијата “Фридрих Еберт“, присуствуваа претставници на Министерството за финансии, Државниот инспекторат за труд, Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ), Стопанската комора, Организацијата на работодавачи, Бизнис заедницата, Меѓународната организација на трудот и Македонското здружение за заштита при работа. На присутните исто така им беше прочитано поздравното писмо од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов до Сојузот на синдикатите на Македонија.
Ставот на ССМ е минималната плата да се утврди со закон на национално ниво, додека на ниво на гранки со колективни договори. Идејата е повеќегодишна, но денес економските состојби налагаат потреба од утврдување на минимална плата во државата. Утврдувањето ќе придонесе за пореално утврдување на минимумот пари за трошоците на четиричлено семејство, додека работодавачите ќе мора да ја почитуваат новата категорија, рече Митревски.
Основите се наоѓаат во низа домашни и меѓународни документи – Уставот (член 32), Законот за работни односи (член 107), Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права на ООН, Препораката на Комитетот за економски, социјални и културни права на Економско – социјалниот совет на ООН, Европската социјална повелба на Советот на Европа, Конвенцијата 131 и Препораката 136 за утврдување минимална плата на МОТ од 1970 година и Конвенцијата 95 за заштита на платите.
Во своето излагање претседателот Митревски објасни дека потребата произлегува од повеќе параметри. Тоа се:
- релативно ниското ниво на плати - бруто платата за јануари 2011 година изнесува 30.902 денари, нето платата 21.029 денари;
- неповолната дистрибуција на платите според податоците за 2009 година: 77,1 отсто примаат плата до просечната нето плата од 21.000 денари, од кои 17,8 отсто до 8.000, 27,6 отсто од 8.000 до 12.000 денари, 31,7 отсто од 12.000 до 21.000 денари;
- само 2,3 отсто од вработените примаат плата повисока од 30.000 денари;
- 1,3 отсто од вработените не примиле плата, додека 10,2 отсто се неплатени семејни работници;
- стапката на невработеност изнесува 30,9 отсто;
- над 24.000 работници се корисници на паричен надонест;
- околу 50.000 семејства се корисници на социјална помош;
- стапката на сиромаштија изнесува 31,1 отсто;
- високо учество на сивата економија и работата на црно (стапката е над 30 отсто);
- пораст на цените на мало, во март 2011 за 4,7 отсто, трошоците на живот за 5,2 отсто;
- вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец март изнесува 30.431 денар.
Речиси три четвртини, односно 20 од 27 од државите членки на ЕУ имаат воспоставено институционални форми за утврдување минимални плати. Тука можат да се вклучат и неевропските земји САД, Канада и Јапонија, во кои постои долга традиција на заштита на платите.
Според европската статистичка агенција ЕУРОСТАТ минималните плати во ЕУ се движат од 123 евра во Бугарија до 1.642 евра во Луксембург, односно соодносот е 1 спрема 13. Според висината европските земји се поделени во три групи. Во првата, со минимална плата од 100 д 500 евра се Бугарија, Романија, Литванија, Латвија, Унгарија, Естонија, Полска, Словачка, Чешка и земјата – кандидат Турција. Во втората, од 501 до 1.000 евра се Португалија, Словенија, Малта, Грција, Шпанија и САД (844 евра). Во третата група, со над 1.000 евра, се Велика Британија, Франција, Холандија, Белгија, Ирска и Луксембург.
Нивото на минималните плати, според ЕУРОСТАТ, се движи од 29 до 51 отсто од просечната бруто плата исплатена во стопанството и во јавниот сектор.
Земјите од поранешна Југославија имаат утврдено минимална плата. Во Словенија минималната плата изнесува 589 евра (43,9 отсто од просечната бруто плата), во Хрватска 381 евро (36 отсто од бруто платата), во Федерацијата Босна и Херцеговина 185 евра, во Црна Гора 160 евра (30 отсто од бруто платата), и во Србија 155 евра (33 отсто од бруто платата).
На денешната конференција исто така беше одбележан 28 Април, Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа. Реалност е дека ниено работно место не е целосно безбедно и нема вработен кој не е изложен на опасности по животот и здравјето, објасни претседателот Митревски. Во светот, како и во Република Македонија, е голем бројот на работници кои го загубиле животот или добиле професионални заболувања и инвалидитет. Потребо е да се издигне свеста дека работата треба да се присопосбува кон луѓето, а не обратно. Заштитата и унапредувањето треба да биде стратешка цел на државата, која ќе се постигне преку соработка на социјалните партнери, организациите на работниците и на работодавачите.