ИНТЕРНАЦИОНАЛНА ПОДДРШКА ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА КОНВЕНЦИЈАТА 94 НА МОТ

На јавните тендери да можат да учествуваат само вистинските претпријатија, гласи пораката од денешната Меѓународна конференција, што ја организираа Синдикатот СГИП и Фондацијата “Фридрих Еберт“. Безрезервна поддршка од Меѓународната организација на синдикатите BWI...


Со измената на македонските закони според Конвенцијата 94 на Меѓународната организација на трудот ќе се елиминира сивата економија во градежништвото, злоупотребите на тендерите и ангажирањето работници на црно. Уредувањето на јавните тендери, освен придобивките за работниците, ќе значи позитивни ефекти за целата стопанска гранка, посредно и за целата индустрија.
Ова се пораките од денешната меѓународна конференција “Имплементација на Конвенцијата 94 на МОТ во законската регулатива во Република Македонија“, што во организација на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) и Фондацијата “Фридрих Еберт“ се одржа денес во Скопје.
Денешната конференција е дел од неколкугодишните активности на СГИП за имплементација на конвенцијата на МОТ. Денес е добиена безрезервна поддршка за напорите на СГИП од страна на Меѓународната организација на синдикатите од градежништвото, дрвната индустрија и шумарството (BWI), што го пренесе Џин Ли, директор на Секторот за глобални кампањеи на оваа организација.
Познато е дека минатата година Собранието на Република Македонија ја ратификуваше конвенцијата. Следен чекор е дополнување и менување на законите – изјави Павел Трендафилов, претседател на СГИП.
Платформата на СГИП подразбира на јавните тендери да можат да конкурираат само претпријатијата кои ги исполнуваат обврските кон вработените и државата. Тоа практично значи елиминирање на работењето на црно, ангажирањето непријавени работници, форсирање на компаниите човек – фирма, корупцијата и злоупотребите при јавните тендери. Иако во последно време состојбата е донекаде подобрена, овие појави се карактеристични за двете изминати децении.
Претседателот на ССМ Живко Митревски нагласи дека иницијативата на СГИП е потполно во склоп со новата платформа на дејствување на ССМ. Ја цениме поддршката од BWI, каде СГИП и Синдикатот за шумарство, дрвна индустрија и енергетика се полноправни членови. Достоинството на македонскиот работник ќе се сочува со воведување ред во јавните набавки, што, освен конвенцијата, го налагаат и европските директиви, рече Митревски.
Џин Ли информираше дека во светски рамки состојбата во градежништвото не се разликува од онаа во вашата земја. Годишната вредност на извршените работи изнесува седум трилиони долари, ангажирани се 150 милиони лица, од кои три четвртини се од земјите во развој. Околу 90 отсто од сите компании се мали, со еден до девет вработени. И во Европа 97 отсто од компаниите се до 20 вработени. При договарањето на работите бизнисмените имаат предност, додека ставката труд, односно работниците, се некако во втор план. Сеедно сите страни, вклучувајќи го капиталот и најголемите инвеститори, Светската банка, Европската банка, ММФ, се согласни дека нефер конкуренцијата треба да се елиминира и да се развива меѓународна соработка за уважување на позицијата на работниците. Овие појави ги има насекаде, така што иако Конвенцијата 94 е донесена во 1049 година таа дури сега станува актуелна, пренесе претставникот на BWI.
Во досегашниот период се случуваше на јавните тендери работа да добијат компании без вработени, кои после како подизведувачи ги ангажираа големите компании. Во 2005 година беа регистрирани 7.463 компании, додека вистински беа само десеттина. Сега се околу 4.000, што е последица на делумните измени во прописите. Меѓутоа, вистинските измени на подобро ќе настанат само со целосно дополнување на законите. Треба да се знае дека нема добра компанија без згрижени работници, објасни претседателот на СГИП Павел Трендафилов, чие излагање го пренесуваме во продолжение: “Република Македонија по ратификацијата на Конвенцијата 94 на МОТ, при правење на договори за градежни работи или за набавка на стоки и услуги, треба да внимава на работните услови под кои се изведуваат овие операции. Потребни се измени во законска регулатива за да се заштитат работниците кои се вработени кај приватниот изведувач или се индиректно вработени и платени вон јавните фондови. Оваа појава произлегува од околностите на силната конкуренција, која е вклучена во јавното надавање за јавните набавки, што доведува работодавачите да економизираат во трошоците на работна сила. Според тоа, потребно е да се воведат социјални клаузули за работа во јавните договори и да се обезбeди придржување кон социјално прифатливите минимални стандарди во работата извршена за јавна сметка. Социјалните клаузули во јавните договори може исто така да играат корисна улога во постигнувањето и одржувањето на висок стандард на социјална заштита на национално ниво.
Социјалните клаузули може да влијаат на внатрешно - државните односи до тој степен што Република Македонија може да ги вметнува клаузулите за работа во договорите за странски набавки и одобрувањата на грантови да бидат условени со одржување на одредени стандарди за работа.
Работните одредби содржани во различните национални регулативи кои се применуваат во јавните договори трeба да спречат вработување вон јавните договори, клаузули за праведна плата, работно време, безбедност и здравје при работа. Таквите одредби се важен фактор во елиминирањето на работните услови кои се под стандардите и кои тежнеат да ги поткопаат подобрите работодавачи.
Конвенцијата 94 на МОТ е од посебен интерес, бидејки таа преставува основен инструмент за тоа како да се интегрираат социјалните аспекти во јавните договори и јавните набавки. Целта е да се ограничи можноста да се користи социјалниот дампинг како алатка за да се конкурира во областа на јавните набавки. Понатаму, да се почитуваат и да се применуваат колективните договори, легислативата и арбитражата, како основни елементи предвидени во оваа конвенција, кои ке тежнеат да бидат најповолни за работниците. Прифакањето на помалку поволни услови за работниците би довело до казнување на работодавачите. Примената на конвенциите на МОТ во јавните набавки е обврска согласно Директивите на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ, посебно Директивата 2004-18-ЕЗ точка 33, која предвидува дека непридржувањето кон овие обврски може да се смета за сериозно несодветно однесување или прекршок во поглед на професионалното однесување на засегнатиот економски оператор, што подлежи и може да доведе до исклучување на економскиот оператор од постапката за добивање на јавен договор. Но и со приспособување на правниот систем на ЕУ за јавните набавки, посебно со Директивата 96-7, Директивата 93-37-ЕЕЗ и директивата 92-50-ЕЕЗ.“
Секретарот на СГИП Благица Стојкоска зборуваше за состојбите во гранката и за напорите на СГИП во изминатите години. Во 2005 година 40 отсто од сите работи во градежништвото беа од јавен карактер, додека при ангажманите беше раширена појавата на работење на црно и на сива економија. Тоа се случи при изградбата на обиколницата околу Скопје, каде тендерот го доби грчка компанија, која пак ги ангажираше нашите градежни компании, за подоцна да ангажира лица со класично работење на црно. Во 2006 и 2007 година СГИП организираше две меѓународни конференции, на кои е добиена голема поддршка. Беа изменети Законот за јавни набавки, Законот за безбедност и здравје – но не се внесоа тие промени кои ние ги баравме. Во Законот за градење се бараат само техничките карактеристики, а ние бараме услов да биде и положбата на работниците. Сега во градежништвото се ангажирани 40.366 лица, за кои нема податоци колку се легално вработени, а колку се непријавени.
Годишниот обрт на градежната индустрија во Република Македонија изнесува 350 до 400 милиони долари, од што четвртина отпаѓа на извршените ангажмани во странство. Градежништвото учествува со 5,2 отсто во брутоопштествениот производ, додека бројот на вработените расте. Од сите регистрирани компании 593 се без вработени, 3.335 имаат од еден до девет вработени, додека над 250 вработени се само шест компании. Овие податоци говорат за потребата од воведување ред во дејноста и во јавните набавки.