ПОТПИШАНА ОСНОВАЧКАТА ПОВЕЛБА НА РЕГИОНАЛНИОТ СИНДИКАЛЕН СОВЕТ “СОЛИДАРНОСТ“
11.04.2011
Во Љубљана е потпишана Основачката повелба на Регионалниот синдикален совет “Солидарност“, во кој се вклучени синдикатите од Македонија, Србија, Хрватска, Б и Х, Црна Гора и Словенија. Придонесот на синдикатите во евроинтегративните процеси е примарната цел на Советот...

Претставници на синдикатите од земјите - кандидати за влез во Европската Унија од регионот во Љубљана ја потпишаа Основачката повелба на Регионалниот синдикален совет. Потписници се синдикатите од Македонија (Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ и Конфедерацијата на слободни синдикати – КСС), Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со учество на синдикатот од Словенија.
Примарната цел на Советот е придонес на синдикатите во ЕУ интеграцијата на земјите – кандидатки. Во новото регионално тело, кое ќе го носи називот “Солидарност“, ќе се разменуваат искуства и позитивни практики на синдикатите од земјите на регионот. Експертите ангажирани во Советот ќе ги следат директивите на ЕУ, конвенциите на МОТ, ќе ја промовираат синдикалната соработка на ниво на претпријатија и мултинационални компании и ќе вршат стимулација на интегративните процеси во синдикалното движење. Полиња на работа се исто така и синдикалното дејствување меѓу младите и едукација на синдикалните претставници.
Основачкиот состанок на Регионалниот совет се одржа на 3 и 4 февруари во Белград, на инцијатива на Европската конфедерација на синдикатите. На овој состанок е договорено улогата на технички координатор да ја врши Фондацијата “Фридрих Еберт“ – Регионална канцеларија во Белград.
Формирањето на регионалниот совет беше поздравено од Комесарот за проширување на Европската Комисија Штефан Филе и од Комесарот за вработување на Европската Комисија Ласло Андор. Во дописот до Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ) комесарот Филе истакна дека социјалниот дијалог е суштинската состојба на социјалниот модел на ЕУ, кој придонесува за доброто владеење и социјалната кохезија во општествата, посебно во кризните времиња. Филе истовремено изрази интерес да биде континуирани известуван за развојните активности на Советот. Посебно е важно социјалните партнери од земјите членки на ЕУ да земат учество во процесот на преговори и пристапување и да ги развијат своите капацитети со цел да играат активна улога во процесот на интегрирање на земјите – кандидатки.