РЕШЕНИЈА ЗА СТЕЧАЈНИТЕ И ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК РАБОТНИЦИ
06.04.2011
Реализирање на Иницијативата за повеќе услови за пензионирање, која ја предложија ССМ и КСС, е најефикасниот начин за решавање на проблемот на стечајните работници...
Иницијативата за повеќе услови за пензионирање, која ја понудија Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на 1 февруари, е најефикасниот начин за решавање на проблемот на стечајните и технолошки вишок работници.
Неопходен е уште еден услов, комплетните податоци. На средбата на раководството на ССМ со стечајните работници, на 14 декември, побарани се податоци за бројот на здруженијата, бројот на работниците, нивната старосна структура и, посебно, прецизно формулирање на нивните барања. Тие податоци, кои до денес здруженијата не ги доставија, се неопходни за нивно застапување пред Владата и другите институции. Ова се ставовите на ССМ во однос на проблемот на неколкуте категории работници, кои не можат да го остварат правото на пензија.
Денес пред зградата на ССМ дојдоа неколку десеттини стечајци, кои бараа средба со претседателот Живко Митревски. Претходна средба не беше договорена, додека Митревски поголемиот дел од денот беше на состанок во Канцеларијата на Меѓународната организација на трудот во Македонија, така што не дојде до средба.
Претставници на здруженијата постојано се обраќаат до ССМ за помош околу решавањето на нивните проблеми. ССМ е отворен за контакти, меѓутоа голем проблем е слабата координација на здруженијата. Освен што постојат повеќе здруженија, регистрирани или нерегистрирани, се слушаат и различни предлози и можни модели.
На средбите посојано се укажува на фактот дека реализирањето на Иницијативата за повеќе услови за пензионирање е најефикасниот и најбезболниот начин за решавање на овој проблем. Во Иницијативата, меѓу другите модели, е предложено воведување на категориите предвремена старосна пензија по возраст и неполна старосна пензија по возраст, кои практично значат решавање на статусот на овие категории работници, односно нивно заминување во пензија.