ССМ ДОБИ АСОЦИЈАТИВНО ЧЛЕНСТВО ВО МЕЃУНАРОДНАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА НА СИНДИКАТИТЕ
17.03.2011
Сојузот на синдикатите на Македонија доби придружно (асоцијативно) членство во Меѓународната конфедерација на синдикатите (ИТУЦ). Исто така се активира учеството во Мрежата на економски стручњаци на Синдикатите на Југоисточна Европа...

На Осмата средба на Генералниот совет на Меѓународната конфедерација на синдикатите (ИТУЦ), што се одржа од 2 до 4 февруари во Брисел, одлучено е Сојузот на синдикатите на Македонија да стане придружна, или асоцијативна членка на ИТУЦ.
Уште од почетокот на транзицијата се постави прашањето ССМ да стекне светски легитимитет и да оствари полноправно членство во светското синдикално движење. Деновиве се остварија напорите што новото раководство на ССМ го зацрта како една од основните цели, изјави на денешната конференција за печат претседателот на ССМ Живко Митревски. – Според Статутот на ИТУЦ отсега ќе бидеме директно запознавани со сите политики, проекти и стратегии на Меѓународната конфедерација на синдикатите и ќе бидеме активни учесници во светското синдикално движење.
На денешната конференција за печат јавноста беше запознаена околу активностите на Мрежата на економски стручњаци на Синдикатите на Југоисточна Европа. Работењето на мрежата е еден од одговорите на економската криза. Со мрежата се подигнуваат економските и синдикалните капацитети, се дефинираат проекти за економски раст, ќе се вршат анализи кои после ќе се преточуваат во предлог – закони, појасни претседателот Митревски.
Претседателот на Македонскиот полициски синдикат и потпретседател на Советот на ССМ за јавниот сектор Тихомир Климоски информираше дека на 18 април 2011 година во Македонија ќе се одржи конференција на ЕКОСОК, на тема “Социјалниот дијалог во Република Македонија“. Медијатор е ССМ, додека е најавено учество на претставници на повеќе институции од земјава и од Европската Унија.
На прес конференцијата раководителите информираа за понатамошните активности околу Иницијативата за основање Солидарен станбен фонд. Иницијативата е дополнета и деновиве ќе биде доставена до Владата на РМ, додека посебен импулс внесе истражувањето на Македонскиот полициски синдикат на станбените потреби на вработените во Министерството за внатрешни работи.
На прашањето на новинарите за одразот на кризата и поскапувањата и ставот на Синдикатот претседателот Митревски одговори дека службите на ССМ ги следат цените и одразот на поскапувањата врз стандардот. ССМ достави Предлог – мерки за ублажување на последиците од кризата, со 14 предлози, но сега со поскапувањата се отвори потреба за уште повеќе интервенции. На следната седница на Економско – социјалниот совет ќе го поставиме прашањето за интервенција од стоковите резерви, не само за брашното, туку и за другите основни артикли. Исто така во обѕир доаѓаат и други механизми за заштита на стандардот, посебно на граѓаните со ниски примања.
ЗА ИТУЦ
Меѓународната конфедерација на синдикатите (ИТУЦ) е најголема меѓународна организација која ги застапува интересите на работниците во светот. Во ИТУЦ членуваат 301 организација – членки од 251 земја, со вкупно членство од 176 милиони работници.
ИТУЦ е основана во Виена, Австрија, на Конгресот што се одржа од 1 до 3 ноември 2006 година. Организацијата се состои од поранешните членки на Меѓународната конфедерација на слободни синдикати (ICFTU) и Светската конфедерација на трудот (WCL), како и од други синдикати. ISFTU и WCL се распуштија на 31 октомври 2006 година, со цел да го отворат патот за создавање на ИТУЦ.
Примарната мисија на ИТУЦ е уредување на заштитата на правата на работниците и нивните интереси, преку меѓународна соработка на синдикатите, глобална кампања за застапување на големите глобални институции.
Програмата усвоена на Основачкиот конгрес на ИТУЦ ја претставува целокупната политика чии главни подрачја на активности вклучуваат:
- синдикатот и човековите права
- економија, општество и работно место
- еднаквост и недискриминација
- меѓународна солидарност.
ИТУЦ се придржува кон принципите на демократија и независност на синдикатите, како што е утврдено и во Статутот. Телата се Конгрес, Генерално Собрание и Извршно биро.
Главен извршен директор на ИТУЦ е Генералниот секретар Шаран Бароу, додека заменик генерален секретар е Јап Винен.
ИТУЦ има тесна соработка со Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ), преку Паневропскиот совет, формиран во март 2007 година, како и со Меѓународната организација на трудот, со организации на ОН и други организации.
МРЕЖА НА ЕКОНОМСКИ СТРУЧЊАЦИ НА СИНДИКАТИТЕ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
Мрежата на економски стручњаци на Синдикатите на Југоисточна Европа, основана во 2009 година од страна на Пан - европскиот регионален совет (ПЕРЦ) – Меѓународната конфедерација на синдикатите (ИТУЦ), е нова реалност за синдикатите од земјите на бивша Југославија и Албанија. Ментор на мрежата е професор доктор Бруно С. Серги, предавач на Меѓународна економија на универзитетот во Месина, Италија, и предавач на неколку светски универзитети. Како економски стручњак Бруно Серги е именуван од страна на Европскиот синдикален институт (ЕТУИ) да супервизира и да раководи со економските активности на мрежата.
Aктивностите на мрежата ги координира Ениса Селимовиќ, директорка на ИТУЦ/ПЕРЦ - Канцеларија за Југоисточна Европа во Сараево, во рамките на ИТУЦ/ПЕРЦ регионалните активности, со повремена финансиска поддршка на Фондацијата Фридрих Еберт – Регионална канцеларија во Белград, како и со солидарна поддршка на други организации, како што се синдикатите ЛО – ТЦО од Шведска и синдикатите ЛО од Норвешка.
Членовите на мрежата – економските стручњаци од Синдикатите на ЈИЕ, одржаа три состанока (Белград, Сараево и Котор), а пред нив се уште многу состаноци со цел унапредување на стручните капацитети, развојот на економските идеи и понуда на прагматични предлози. Темите и анализите кои ќе се обработуваат се одредени врз основа на предлозите за приоритетите на Форумот – собир на лидерите на синдикатите на ЈИЕ, како и врз основа на предлозите дадени од страна на самите економски стручњаци, членови на мрежата.
Настојувањата на Мрежата се, меѓу другото, да понуди подобри политики за растот на економијата и за антикорупциската стратегија, да разработи одредени анализи, работни документи и конкретни проекти и иницијативи, да се поттикне одржлив економски раст во целиот Регион, така што предлага усвојување на регионален пристап на мерките против кризата. Мрежата овозможува основа националните синдикални лидери да поттикнат отворен и конструктивен дијалог меѓу сите релевантни страни во своите земји.
По углед на успешната работа на Мрежата, во фаза на основање е уште една ваква мрежа на економски стручњаци за новонастанатите земји од поранешниот Советски Сојуз, чија работа ќе ја координира ИТУЦ/ПЕРЦ - Регионална канцеларија во Москва.