АКТИВНОСТИ НА СИНДИКАТОТ ЗА ШУМАРСТВО
Вклучување во Иницијативата за пензионирање, Синдикалната кошница, сертификација на шумите и ново зачленување се активностите на Синдикатот од шумарството, дрвната индустрија и енергетика од почетокот на годинава...



Познато е дека Сојузот на синдикатите на Македонија ја промовира Иницијативата за воведување повеќе услови за пензионирање. Иницијативата е претставена на 1 февруари 2011 година и се води заедно со Конфедерацијата на слободни синдикати. Сега во Република Македонија постои само еден услов за стекнување право на пензија – 64 години за мажи и 62 за жени. Синдикалците сметаат дека треба да се воведат повеќе услови, со цел право на пензија да стекнат лицата кои според сегашниот закон мораат да ја чекаат старосната граница. Тоа се старосна пензија со стаж, старосна пензија со возраст, предвремена старосна пензија по возраст и неполна старосна пензија по возраст. СШДИЕ активно се вклучи по Иницијативата, посебно со оглед на тежината на работните места во двете гранки, експлоатацијата на шумите и дрвната индустрија.
СШДИЕ е исто така е вклучен во изработката на Синдикалната минимална кошница, која ССМ ја промовира на 24 февруари 2011 година. Целта на Синдикалната минимална кошница е реално пресметување на трошоците на живот. Досега во земјата се пресметуваше само “Потрошувачка кошница“ на Државниот завод за статистика. Според ставот на ССМ статистичката кошница не е реален приказ на вистинските трошоци за живот, затоа што се опфатени само давачките за исхрана на четиричлено семејство, додека синдикалната кошница, која е речиси трипати поголема, ги опфаќа комуналиите, облеката, хигиената, превозот, културата и другите неопходни потреби.
Сертификацијата на шумите се активност во која Синдикатот за шумарство е ангажиран неколку години наназад, заедно со носителот на проектот Јавното претпријатие “Македонски шуми“. Ова претпријатие во својата Програма за работа за 2011 година сертификацијата на шумите ја има поставено како приоритетно прашање кое треба да се реши. Врз основа на сугестиите на СШДИЕ се утврдени приоритетите за сертификацијата во 2011 година, додека една од најважните новости е вклучувањето на Стопанската комора на Македонија. Според ставот на синдикатот проширувањето на субјектите околу сертифицирањето ќе придонесе за поквалитета реализација на целиот проект.
Целта на сертификацијата е еколошки, општествено и економски одржливо користење на шумските ресурси. Имено, 95 отсто од извозот на производи од дрво, вреден 31,4 милиони евра, се реализира на европскиот пазар. Македонската дрвна индустрија брои 1.560 преработувачки и производни компании. Македонските шуми треба да се сертифицираат затоа што од 2013 година Европската Унија предвидува регулатива за дрвни сортименти, која посебно се однесува на мебел, цврста граѓа, иверица, хартија и картон. Сите земји членки и кандидати за влез во ЕУ (Република Македонија е со статус кандидат) се обврзани да спроведат сертификација во шумарството и дрвната индустрија.
Зачленувањето на вработените од претпријатијата кои не се синдикални членови е исто така една од активностите на кои СШДИЕ е постојано ангажиран. Од почетокот на 2011 година нови 35 членови се вработените во Националниот парк “Галичица“. Инаку најголемиот број од вработените во триесетте подружници на ЈП “Македонски шуми“ и голем број од вработените во компаниите за преработка на дрво се членови на СШДИЕ.