МИНИСТЕРОТ ИВО ИВАНОВСКИ ВО ССМ ЗА РЕФОРМИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА
14.03.2011
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денес го запозна Сојузот на синдикатите за опсежните реформи на државната и јавната администрација. На средбата е предложен меморандум за соработка...


Целта на реформите е создавање стручна, компетентна и одговорна јавна администрација, која ќе одговори на потребите на времето, како и на барањата на Европската Унија. Реформата е најавена кон крајот на минатата година, додека главната активност на процесот, кој вклучува носење на шест закони, треба да се одвива во 2011 година.
Ова меѓу другото го истакна министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната средба со раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија. Претседателот на ССМ Живко Митревски истакна дека средбата е во функција на развивањето на вистинскиот социјален дијалог во земјава и дека е корисно што синдикатот добива комплетни информации за областите кои ги покрива. Размената на мислења и меѓусебните консултации секако ќе придонесат за создавање квалитетна државна и јавна администрација на задоволство на сите страни, секако и на вработените во државните и јавните служби, истакна Митревски.
Министерот Ивановски информираше дека ќе има измени во шест закони, кои треба да поминат преку собраниската процедура. Во Законот за државни службеници ќе има промена кај психолошкиот тест, додека останува истата процедура за вработување. Законот за јавни службеници стапува на сила во април 2011 година и тука најзначајно е што практично се изедначува со Законот за државни службеници. Со новите закони се воведуваат нови механизми, како систем на оценување, мобилност на вработените, систем на наградување и казнување. Во некои министерства и установи има превработеност на одредени кадри, додека во други недостаток и така ќе биде можно префрлување на потребните лица.
Други новини се воведување Регистер за јавни службеници, со точна евиденција на сите профили, Национален план за обуки, механизми за следење на продуктивноста на службениците и друго.
Реформата на администрацијата треба да одговори и на барањата на Европската комисија, која постојано има забелешки на административниот систем во земјава. Во тек се повеќе проекти, како проектот со Британската амбасада, со Европската Комисија, со ИПА, додека се вклучени повеќе партнери од странство.
Нови механизми ќе се воспостават и со Законот за општа управна постапка. И тука целта е растоварување на граѓаните од бавните постапки и оптоварување на администрацијата. Се предвидуваат казни за раководителите, зголемена одговорност на службениците, понатаму предметите ќе се обработуваат по електронски пат, додека надлежните служби ќе имаат рокови за завршување на предметите. Воопшто целта е воспоставување професионализам и механизми на одговорност, заклучи министерот Ивановски.
На средбата министерот предложи потпишување меморандум за соработка меѓу Министерството и ССМ, што беше поздравено од страна на ССМ.
Од своја страна синдикалците се интересираа за реалната положба на вработените. Претседателот на синдикатот УПОЗ Пецо Грујовски рече дека е потребно да се води сметка за фактичките услови за работа и техничката опременост. Исто така во целата реформа е добро да се вклучи синдикатот, како и придружните професии. Претседателот на АГРО Синдикатот Живко Даневски исто така ја нагласи користа од консултирање на Синдикатот, како што министерството се консултира со бизнис заедницата. Тихомир Климоски, претседател на Македонскиот полициски синдикат, предложи поголема флексибилност при вработувањето и распоредувањето на вработените. Синдикалците потсетија дека во новите закони треба да се вклучи и Законот за плати, затоа што сега постои шаренило во платите меѓу вработените во институциите.