СТУДИСКА ПОСЕТА НА ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛНИОТ СОВЕТ ВО ХОЛАНДИЈА

02.03.2011
Делегација на Економско – социјалниот совет на Македонија се наоѓа во студиска посета на Социјално – економскиот совет на Кралството Холандија...

Делегација на Економско – социјалниот совет на Република Македонија од 1 до 4 март остварува студиска посета на Социјално – економскиот совет на Кралството Холандија.
Од страна на ЕСС на Македонија учествуваат министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, во својство на претседател на советот, потоа претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати, на Организацијата на работодавачи и на националниот координатор на МОТ за Македонија.
Сојузот на синдикатите на Македонија го претставува претседателот м – р Живко Митревски.
Целта на посетата во Хаг е директно запознавање со начинот на функционирање на Социјално – економскиот совет на Кралството Холандија, размена на искуства, знаења и практики.
Во студиската посета, од 1 до 4 март во градот Хаг, се вклучени и средби со претставници на Конфедерацијата на работодавачи и индустрија на Холандија, Бирото за економска анализа на политиките и на Сојузот на синдикатите на Холандија.

Посетата на Холандија произлегува од новата активна улога на ЕСС на домашен и на меѓународен план. Познато е дека Спогодбата за основање на ЕСС е потпишана на 25 август 2010 година, со што е отворена нова етапа во водењето социјален дијалог во Република Македонија.
ЕСС за првпат е основан во 1996 година, со тоа што оваа институција практично не заживеа во јавните релации и не го доби местото во социјалниот дијалог. Причините беа во незаинтересираноста на досегашните влади, како и во неединството и спротивставеноста на синдикалните унии, како и на нејасните критериуми на нивната репрезентативност. Оваа состојба беше постојано критикувана од институциите на Европската Унија.
Клучните чекори настанаа минатата година, кога во Законот за работни односи се дефинирани условите за репрезентативност на синдикатите и на организациите на работодавачи. Во месец јули решенија за репрезентативност добија ССМ и КСС, со што се создадени услови за конституирање на советот.
Трите социјални партнери учествуваат со по четири члена во ЕСС. Од страна на ССМ членови се претседателот Живко Митревски и претседателот на синдикатот СИЕР Пеце Ристевски. Нивни заменици се претседателот на синдикатот СТКЧ Анѓелко Анѓелковски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климоски.