ПРОМОВИРАНА СИНДИКАЛНАТА МИНИМАЛНА КОШНИЦА
24.02.2011
На денешната тркалезна маса е претставена Синдикалната минимална кошница, чија вредност за месец декември изнесува 29.199 денари. Учесниците на тркалезната маса изразија надеж дека синдикалната кошница ќе отвори пат за решавање на други потреби, како минималната плата, нови модели на помош...

Синдикалната минимална кошница е пореален модел на пресметување на трошоците на живот. Освен прикажувањето на вистинските трошоци на живот синдикалната кошница отвора можност за иницирање други прашања, како одредување основа за минимална и најниска плата, барање модели за помош на граѓаните кои живеат во сиромаштија и други актуелни состојби.
Ова е еден од заклучоците од денешната тркалезна маса што се одржа во Сојузот на синдикатите на Македонија, на која беше претставена Синдикалната минимална кошница. Вредноста на синдикалната кошница за месец декември 2010 година изнесува 29.199 денари и ќе се пресметува месечно.
Претседателот на ССМ Живко Митревски на присутните и на претставниците на медиумите им ги соопшти потребите и основните репери за пресметување на синдикалната кошница. Во ССМ се увиде потребата од пореално определување на потребните средства за покривање на четиричлено семејство. Во изработката на кошницата тргнавме од вредноста на потрошувачката кошница што ја изработува Државниот завод за статистика. Вредноста на статистичката кошница, која вклучува 63 производи, во 2010 година се движеше помеѓу 11.900 и 12.650 денари. Меѓутоа, исхраната и пијалоците не се единствениот трошок за нормално функционирање на едно семејство.
Типот на претпоставеното домаќинство е четиричлено семејство, кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил. Синдикалната минимална кошница вклучува седум групи:
1. исхрана и пијалоци
2. домување
3. хигиена
4. превоз
5. облека и обувки
6. култура
7. одржување и здравје.
Првата група трошоци ја презедовме од Државниот завод за статистика, затоа што оние 63 производи, иако не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната. Таа вредност не ја преземаме како просечна, туку како минимална вредност.
Домувањето има две подгрупи: комунални трошоци, со пет елементи, и покуќнина, опрема за куќа и одржување, што ќе се следи преку 13 добра.
Хигиената има две подгрупи – личната хигиена со седум производи и хигиената на домот, исто со седум производи. Овие ставки се искажани по минимум количини по најниски цени.
За превозот се вклучени минимални изразени трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски.
Облеката и обувките вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони.
Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник.
Одржувањето и здравјето вклучува основни трошоци за лекарства, без лекарствата за хроничните болести.
Не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што се непотребни, туку затоа што настојувавме да ги пресметуваме само неопходните трошоци, нагласи Митревски.
Според структурата на Синдикалната минимална кошница 42,27 отсто од пресметаната вредност оди за исхрана, 30,88 за домување, 7,2 отсто за хигиена, осум отсто за превоз, 6,2 отсто за облека, 3,7 отсто за култура и 1,8 отсто за здравје.
Ако се направи споредба со просечната нето исплатена плата, 20.633 денари, тогаш просечната плата покрива 70 отсто од Синдикалната минимална кошница. Тоа значи дека се потребни уште најмалку 42 отсто повеќе пари за нормален живот. Меѓутоа, само 9,1 отсто од вработените имаат плати повисоки од 20.000 денари и 2,3 отсто имаат плати повисоки од 30.000 денари.
Драган Тендовски, доцент на Економскиот факултет при Универзитетот “Кирил и Методиј“, кој е соработник во изработката на новата методологија, изјави дека Синдикалната кошница е коректен показател и дека ги отсликува реалните состојби во животниот стандард. Промените и цените се динамични, како што се регулираните цени на струјата, парното, водата, кои минатата година отидоа нагоре, што ги поскапи животните трошоци.
Меѓу другите учесници беше Божана Радошевиќ од Самостојниот синдикат на Република Српска. Радошевиќ ги запозна присутните со начинот на пресметување на синдикалната кошница, која нејзиниот синдикат ја пресметува од 2005 година.
Претставниците на Заводот за унапредување на домаќинството забележаа што во синдикалната кошница не се вклучени трошоци за образование, што е исто една реална потреба. Според пресметките на Заводот вредноста на потрошувачката кошница изнесува 33.892 денари, додека прехранбената кошница изнесува 14.066 денари.
Воведувањето на синдикалната кошница ја поздравија и претставниците на Организацијата на работодавачи, Државниот завод за статистика и претседателите на Конфедерацијата на слободни синдикати и на Унијата на независни и автономни синдикати Раско Мишкоски и Слободан Антовски.
Вредноста на Синдикалната минимална кошница зa декември 2010 година изнесува
29.199,00 денари
Реден бр. |
Елементи кои ја формираат вредноста на минималната синдикалната кошница | месец 12 2010 | % учество структура |
1 | Исхрана и пијалоци | 12.342,00 | 42,27 |
2 | Домување | 9.016,00 | 30,88 |
3 | Хигиена | 2.096,26 | 7,18 |
4 | Превоз | 2.326,34 | 7,97 |
5 | Облека | 1.808,40 | 6,19 |
6 | Култура | 1.070,00 | 3,66 |
7 | Одржување на здравје | 540,00 | 1,85 |
ВКУПНО: | 29.199,00 | 100,00 |