НА ПРОМОЦИЈАТА НА РЕВИЈАТА ЗА СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА ПРЕТСТАВЕНА ИНИЦИЈАТИВАТА НА ССМ ЗА СОЛИДАРЕН СТАНБЕН ФОНД
24.02.2011
На промоцијата на шестиот број на “Ревијата за социјална политика“, посветена на станбените услови, Сојузот на синдикатите на Македонија ја претстави својата Иницијатива за солидарен станбен фонд...
“Домувањето, станбените услови и станбената политика во Република Македонија“ е темата на промоцијата на „Ревија за социјална политика“, што се одржа на Филозофскиот факултет на 23 февруари 2001 година.
На промоцијата Сојузот на синдикатите на Македонија го претставуваа претседателот магистер Живко Митревски и Инда Савиќ. Од страна на претседателот Митревски беше изнесена “Иницијативата на ССМ за солидарен станбен фонд – потреба и перспектива“. Инаку ССМ е постојан соработник на изданијата на ревијата, која обработува теми блиски до синдикалната агенда.
На промоцијата уводен збор даде професор Маја Геровска Митев, од Институтот за социјална работа и социјална политика и воедно уредник на ревијата. Доктор Зоран Костов, извршен директор на “Хабитат Македонија“, зборуваше на тема “Поимање, карактеризација, класификација и индикатори на социјалната исклученост во домувањето во Македонија“. Професорите Али Пајазити и Агрон Рустеми од Факултетот за јавна администрација и политички науки на ЈИЕ Универзитет – Тетово, зборуваа на тема “Домувањето во руралните општини во Република Македонија, преку примерот на селото Желино“. “Состојби и предизвици во домувањето кај ромската популација во Македонија: искуства од спроведувањето на НАП за домување од Декадата за вклучување на Ромите“ е тема која ја изнесе Елвис Мемети од Министерството за труд и социјална политика. Темата “Практики на домување кај лицата со интелектуална попреченост: служби за домување со поддршка во заедницата“ е анализа на магистер Вера Димитриевска, независен истражувач. Маргарета Липковска Атанасова од “УСАИД“ предаваше на темата “Искуства со примена на пилот – програмата за резиденцијална енергетска ефикасност како дел од пилот – проектот за социјална сигурносна мрежа на УСАИД“.
Познато е дека Сојузот на синдикатите на Македонија ја промовираше Иницијативата за основање Солидарен станбен фонд. Идејата е содржана во Програмските определби на 18. Конгрес, изработени се појдовните основи за функционирањето на солидарниот фонд и понатаму се водат активности и консултации за развивање на идејата на ССМ. Во таа насока претседателот Живко Митревски на промоцијата ги запозна присутните за платформата на ССМ. Меѓу другото тој рече:
За ова исклучително значајно животно прашање, за водењето на станбената политика, потребно е сите релевантни субјекти во Република Македонија да се ангажираме и да работиме за создавањето што попогодни услови за остварување на основното човеково право - правото на пристоен дом, односно живеалиште. Тоа е право и според меѓународните стандарди и легислатива која е прифатена и имплементирана во нашето највисоко законодавство. Ова уште повеќе што решавањето на станбеното прашање е тесно поврзано со материјалната и социјална заштита на граѓаните и нивните семејства и станува најголем животен предизвик особено за младите брачни парови.
Проблемот со решавањето на станбеното прашање е повеќесложен, но во основа, главно, е поврзан со:
- Нискиот животен стандард
- Високата цена на становите
- Високите каматни стапки на станбените кредити
Овие констатации сакам да ги поткрепам со неколку параметри. Најпрво, на сите ни е позната сегашната економско-социјална состојба во нашата држава која е уште понегативна заради одразот на светската финансиска криза. Поголемиот број од нас ги чувствуваме реперкусиите од тоа и речиси нема семејство кое на еден или друг начин не е погодено. Или некој не е вработен, или платите, односно пензиите се ниски и не ги задоволуваат основните потреби за нормална егзистенција, или не е решено станбеното прашање, итн.
Многу лица, посебно младите, заминуваат на работа во странство заради неможноста овде да се вработат и да си го решат станбеното прашање. Ова е изразито посебно во последните неколку години и сé повеќе навлегува во свеста на младиот човек дека само со заминување на работа во некоја друга земја ќе дојдат до свое живеалиште.
Ваквите одлуки на младите луѓе се одраз од фактичката состојба и реалност вон ашата држава. Повеќе од 30 отсто од работоспособното население се невработени, а просечната плата е околу 20.000 денари. Цената на становите во последните пет години е зголемена речиси двојно и по еден метар квадратен изнесува, како на пример во Скопје, од 800-1.500 евра. Станбените кредити се со високи каматни стапки. За да се бара станбен кредит за стан од 60 метри квадратни за едно просечно четиричлено семејство, потребно е семејството месечно да има 600 евра примања, од кои 250 евра да се издвојуваат за месечна рата. Исто така, ако кредитот изнесува 40.000 евра, на банката, за 20 години отплата на кредитот, треба да и се вратат 60.000 евра. Тоа значи дека еден член од семејството со просечна плата треба да работи скоро 20 години само за исплата на ратите за банкарските станбени кредити. Неповолна е и гаранцијата, односно хипотеката, чија вредност банките ја одредуваат над 100% и во некои случаи достигнува и 150 отсто.
Кон сето ова треба да се додаде и слабиот интензитет на станбената изградба и со тоа слабата конкурентност на овој пазар. Потврда за ова е постојниот диспаритет меѓу потребите на граѓаните и бројот на новоизградените станови. За пример, во Р. Македонија секоја година се склучуваат околу 14.000 бракови, или седум бракови на 1.000 жители, додека за последните 10 години се изградени (во зависност од регионот) од 1,6 - до најмногу 2,5 станови на 1.000 жители.
Решавањето на станбеното прашање, секако, претставува голем животен проблем не само кај нас, туку и во други земји, и тоа поразвиени. Но, за разлика од кај нас, постојат поповолни решенија во водењето на станбената кредитна политика. Во Р. Македонија каматните стапки за станбените кредити се едни од највисоките во Европа. За споредба, во нашата држава тие изнесуваат 9,7 отсто, додека во Хрватска 7,2 отсто, во Словенија отсто, во Германија отсто. Или, поилустративно, ако еден граѓанин во Словенија побара станбен кредит од 100.000 евра, со рок на враќање од 20 години, тој на банката треба да и врати со камата 141.000 евра, додека за истиот износ на кредитот, во Македонија треба да се вратат 30-40.000 евра повеќе, или некаде околу 178.000 евра.
Поради ниската понуда и побарувачка на откуп на становите, граѓаните се принудени да живеат во изнајмени станови. Интересен е податокот дека просечната кирија во Скопје изнесува од 200-250 евра, односно Скопје е на високото 5-то место на листата на главни градови во светот во кои изнајмувањето на станови е најпрофитабилен бизнис.
За Сојузот на синдикатите на Македонија домувањето претставува исклучително важен сегмент од изградбата на социјална држава, како што е декларирана нашата држава, кое и тоа како влијае врз продуктивноста на трудот, квалитетот на животот, врз благосостојбата - животниот стандард на работниците и граѓаните, и воопшто врз целокупниот општествен прогрес на државата.
Од овие причини, ССМ неодамна покрена Иницијатива за содавање поволни услови за решавање на станбеното прашање за работниците и граѓаните. Во оваа прилика нема да навлегувам во подлабока елаборација на Иницијативата бидејќи во написот во „Ревијата” тоа е веќе сторено. Ќе кажам само дека во основата на Иницијативата лежи идејата за социјално домување, односно создавање услови за изградба на станови со далеку поповолна цена по метар квадратен станбена површина во однос на пазарната. За таа цел, би се формирал посебен станбен солидарен фонд на Република Македонија во кој ќе партиципираат: Владата на РМ, Сојузот на синдикатите на Македонија и работодавачите. Сојузот на синдикатите на Македонија ќе партиципира преку синдикалната членарина и согласно одлуките на секој здружен синдикат. Становите изградени од средствата од фондот ќе можат да ги купуваат вработените чии работодавачи партиципирале во Фондот, односно синдикалното членство зависно од висината на партиципацијата.
Се предвидува со Фондот да управува посебен правен субјект, а финансирањето на проектите за станбена изградба да се одвива врз принципот на:
- Солидарност - со обезбедување средства преку локалната самоуправа, односно доделување наменско бесплатно градежно земјиште и ослободување од трошоците за комуналии;
- Доброволност - партнерите во Фондот ќе здружуваат средства од сопствени извори и во износ согласно договорот, кои им се враќаат во целокупен износ преку добиен м2 од станот;
- Кредитно учество на финансиските партнери од земјата и странство заради затворање на финансиската конструкција за изградбата на становите.
Но, од друга страна, со реализирањето на вакви проекти се нуди перспектива не само за решавање на болниот проблем на работниците и граѓаните - станбеното прашање, туку ќе се раздвижат и повеќе стопански гранки: индустријата на градежни материјали, градежната оператива, дрвната, металската, текстилната, хемиската индустрија и други дејности кои ќе се вклучат во изградбата на станбените објекти, а ќе се придонесе и за натамошна хармонизација на социјалната станбена политика и севкупните општествени односи во Република Македонија.
Во светот веќе постојат позитивни искуства со воспоставувањето на модели за социјално партнерство за станбени проекти, како: за пристапно домување, во кое спаѓа домувањето за станари-сопственици, односно домување под закуп, потоа приватно-јавни партнерства, итн. Од моделите за финансирање за реализирање на вакви проекти ќе ги споменам: краткорочното финансирање кое се одвива во периодот на изградба и е со најниска можна каматна стапка; мерки за намалување на деловните ризици, односно вложување на сопствен капитал; субвенции за намалување на куповната цена (на пр. бесплатно земјиште и инфраструктура); потоа таканаречените вкрстени субвенции од профитни активности (од деловен простор, станови во сопственост); долгорочни нискокаматни заеми од меѓународни финансиски институции, итн.
Постојат, исто така, посебни консултантски компании, како што е водечкиот истражувачки Институтот за недвижности, градежништво и домување - ИИБЊ од Виена - Австрија, споменат во мојот напис во Ревија бр. 6., кој ја опфаќа Австрија и земјите од Централна и Источна Европа и земјите во транзиција. Постои и Европски комитет за координација на социјалното домување ЦЕЦОДХАС, во кој не се доволно застапени државите-кандидати за влез во ЕУ заради тоа што во транзицискиот и постранзицискиот период не беше во политичкиот фокус социјалното домување; како и меѓународни финансиски институции, како што спомнав, кои нудат долгорочни, нискокаматни заеми - како што е ДИГХ или ЦЕБ;
Би резимирал дека:
- Станот - живеалиштето е основен предизвик и преокупација кој секој човек не може да го стекне преку директен пристап до пазарот на недвижности. Затоа, ова прашање не треба да се третира само како пазарна категорија, туку да се развијат политики кои ќе одговорат на барањата на сите сегменти на популацијата;
- Домувањето треба да се смета како интегрален дел од економско-социјалната политика и како можност за модерен урбан развој и живеење, како и поттикнување, стабилизирање и промовирање на националната стратегија за економскиот раст во нашата држава. Тоа, впрочем, е обврска на сите партиципиенти во изградбата на општество во кое ќе се почитува и применува правото на достоинствен живот за секого.
- Затоа, Сојузот на синдикатите смета дека мора да се изнајдат мерки и да се преземат активности за редефинирање на категоријата дом, живеалиште за секој човек и ова економско-социјално право да се остварува во вистинска смисла.
- Една од можните опции за поттикнување на станбената изградба и создавањето поповолни услови за решавање на станбеното прашање е, секако, и реализацијата на покренатата Иницијатива од страна на ССМ за формирање станбен солидарен фонд во нашата држава.
На крајот, на „Ревија за социјална политика” и посакувам натамошни успеси во работењето и продложување на соработката со Сојузот на синдикатите на Македонија, за што сме подготвени во секое време и прилика.