ОДРЖАНА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО СИСТЕМИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА
10.02.2011
На конференцијата што се одржа во Струга се претставени системите за безбедност и здравје при работа од повеќе земји. Изнесени се и ставовите на Сојзот на синдикатите на Македонија...

Здобивање на искуства од системите за управување со безбедноста и здравјето во повеќе земји беше целта на “Меѓународната конференција за системи со управување со безбедност и здравје при работа“, која се одржа на 8 и 9 февруари во Струга.
На конференцијата, која ја организираше Македонското здружение за заштита при работа, присуствуваа вкупно околу 170 експерти од повеќе земји и организации: Друштвото на инженери за безбедност во Љубљана, Српското здружение за заштита при работа, Хрватското здружение на инженери, Здружението за безбедност при работа на Црна Гора, Меѓународната организација на трудот, Меѓународната финансиска корпорација, Европската агенција за безбедност и здравје при работа, Институтот за безбедност и здравје при работа на Обединетото кралство, Централниот институт за заштита на труд од Полска, Националниот центар за јавна здравствена заштита на Бугарија, Косовското здружение за заштита при работа, Инспекцијата на труд од Норвешка и други.
Од земјава учествуваа претставници на Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, Сојузот на синдикатите на Македонија, Канцеларијата на МОТ во Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати, Конфедерацијата на работодавачи, Универзитетот “Гоце Делчев“ од Штип, Стопанската комора на Македонија, Институтот за медицина на трудот и Институтот за јавно здравје.
Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски изјави дека глобалната финансиска и економска криза има неповолни ефекти врз вработеноста и работниот живот, исто така и врз безбедноста и здравјето при работа во целиот свет. Конференцијата е можност професионалците од оваа област да размената информации за системите за заштита.
Ставовите и гледиштата на Сојузот на синдикатите на Македонија на конференцијата ги изнесе претседателот на ССМ Живко Митревски. Пренесуваме извадоци од неговото излагање:
Правото на работниците да работат во безбедни услови е темелно и неприкосновено право, гарантирано од меѓународните и националните прописи. Во нашата држава тоа се Уставот, Законот за безбедност и здравје при работа, другите закони од трудовата сфера и колективните договори. Една од темелните цели на ССМ е да се обезбедат здрави и безбедни рабвотни услови што ќе го сочуваат човековото достоинство. ССМ и понатаму ќе придонесува во остварувањата на овие права, но значајно прашање е подигнувањето на свеста кај вработените и кај релевантните фактори во државата.
ССМ смета дека од особена важност е импленетацијата на Стратегијата за здравје, здрава животна и работна средина и безбедност за работа, која е усвоена од Владата на РМ. Во однос на националното законодавство ССМ смета дека постојните закони (Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за рабвотни односи, Законот за инспекција на трудот, повеќе подзаконски акти) во основа го уредуваат пртавото на безбедни и здрави услови при работа. Прописите се усогласени со европската правна регулатива од оваа област.
Секако постои потреба од натамошно изменување и дополнување на законите, поради нивното осовременување и приспособување кон одделни специфичности. Исто така постои потреба од јакнење на капацитетите на институциите, ратификување и имплементација на конвенциите на МОТ и ЕУ, развивање на социјалниот дијалог, воспоставување информативен систем за единствена евиденција на несреќи и повреди при работа согласно Законот за евиденции во здравството и други мерки.
Несреќите при работа и професионалните заболувања имаат мошне негативни реперкусии за работниците и за работодавачите. И покрај тоа ова важно прашање не се респектира доволно во земјава. Причини се високата стапка на невработеност и интересот на работниците да дојдат до работно место или да го сочуваат тоа што го имаат. Работодавачите се задоволни ако остваруваат профит и не водат доволно сметка за лошите работни услови и последиците по здравјето. Нездрави и небезбедни работни услови има насекаде, без оглед каде се наоѓа работното место.
Меѓутоа, за да се биде во друштвото на успешниот деловен свет мора да се има приоритети. Примарна обврска на секој работодавач треба да биде менталната и физичката состојба на работниците. Успешните бизниси не смеат да штедат во превенцијата за безбедноста на работниците.
Последиците од несоодветните услови ги трпат сите. Работниците трпат физичка болка, губат приходи, изложени се на трошоци за лекување, страдаат и нивните семејства, а сето тоа не може да се надокнади со пари. И работодавачите имаат штети затоа што повредениот работник тешко го заменуваат со друг, што мораат да обучуваат друго лице и што несреќите негативно влијаат врз другите работници.
Нашата цел е присопсобување на работата кон луѓето, а не обратно. Оптовареноста со финансиски проблеми во никој случај не значи амнестирање од обврската на работодавачите. Приоритетите подразбираат постигнување највисок степен на физичка, ментална и социјална добросостојба на сите работници, спречување несакани последици, заштита од ризици, работни средини адаптирани на нивните физички и умствени потреби.
За постигнување на овие цели е потребна соработка меѓу работодавачите, работниците и нивните синдикати, со вклучување на медицината на трудот, индустриската хигиена, инженерството, ергономијата и други науки.
Во национални рамки просечните трошоци заради отсуства и лекување можат да бидат од три до четири отсто од бруто општествениот производ, но тие реално се поголеми. Индиректните трошоци тешко се пресметуваат, додека тешко се утврдуваат и професионалните заболувања.
Со цел да се намалат ризиците при работа при самото организирање на работните процеси за работодавачите е потребно да се преземат превентивни контролни мерки, инженерски и административни контроли, обезбедување лични заштитни средства, здравствени прегледи и други постапки. Во превентивните мерки спаѓа и мобингот, кој станува се поактуелен во работните средини.
За областа безбедност и здравје при работа ССМ инсистира вработените да се осигуруваат во осигурителни компании, да се формираат мешовити комисии за безбедност, да се формираат фондови за оваа намена, доследно да се извршуваат обврските на Националниот совет за безбедност и здравје при работа. Во своите постојани активности ССМ бара од работодавачите доследно да ги применуваат прописите, преговара со работодавачите за обезбедување здрави услови за работа, потпишува колективни договори, учествува во Советот за безбедност и здравје на национално ниво, соработува при носењето програми со организациите наработодавачи, со специјализираните научни и стручни организации, овозможува бесплатна правна помош за вработените и друго.
ССМ реализираше повеќе активности, како кампањи, трибини и конференции. Со помош на Фондацијата “Фридрих Еберт“ е издаден “Прирачник за безбедност и здравје при работа“, “Прирачник за психички притисок на работното место - мобинг“, додека со помош на МОТ има публикувано стручна литература, како што се дванаесетте прирачници од Збирката на МОТ.
Исто така ССМ води интензивна кампања вработените самите да избираат свои претставници за безбедност и здравје при работа, што е согласно законот. Посебно внимание полагаме на развојот на социјалниот дијалог, со цел да се контролираат опасностите на работа, трајно да се сочуваат податоците за изложеност на различни ризици, работниците да се информираат за ризиците и други мерки.