СООПШТЕНИЕ ПО ПОВОД НАПАДИТЕ ВРЗ ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ
02.02.2011
Само еден ден после потпишувањето на Иницијативата за проширување на условите за пензионирање се огласи “правниот експерт“ Драге Јованоски. Не е точен ниеден негов напад врз платформата за згрижување на илјадници лица...
Сојузот на синдикатите реагира на нападите на Драге Јованоски, наведени во денешниот прилог “Пензија со работен стаж?“, објавен на “Радио Слободна Европа“, од авторот Мирјана Спасовска.
Во изјавите наведени во споменатиот прилог “правниот експерт“ Драге Јованоски се обидува да ја омаловажи Иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Конфедерацијата на слободни синдикати. Не е точен ниеден негов напад врз синдикалната платформа за згрижување на илјадници работници во државата.
Познато е дека вчера, на 1 февруари, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати, потпишаа “Иницијатива за воведување повеќе услови за пензионирање во Законот за пензиско и инвалидско осигурување“.
ССМ повеќе години наназад работи на проблемот на згрижување, односно пензионирање на неколку категории работници: прогласените за технолошки вишок, стечајните работници, работниците со прекинат стаж, односно сите кои по сегашниот закон не можат да го остварат правото на пензија. Ние цениме, и должни сме како Синдикат, сега со учество на КСС, да се бориме овие луѓе, кои повеќето се во години и кои останале без приходи не по нивна вина, да добијат барем минимум егзистенција, односно да ги добијат своите пензии. Точно знаеме кои категории работници се во прашање и на кои начини би го оствариле правото (комплетната програма е објавена на истиов портал).
Вчерашната средба ја помогнаа ИТУЦ, Кралството Норвешка и норвешките синдикати “ЕЛО, додека полна поддршка на иницијативата дадоа претставниците на Светската синдикална организација (ИТУЦ), Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ), Организацијата на работодавачи на Македонија и други организации. На тркалезната маса присуствуваа министерствата за труд и за финансии, како и претставници на Светската банка и ММФ. Ако сите овие организации не сметаа дека програмата е сериозна сигурно немаше да присуствуваат на средбата.
Свесни сме дека за проширување на условите за пензионирање се потребни исцрпни анализи и темелни пресметки. Ќе биде потребно време, труд и нерви за да се стигне до целта која ја поставивме. Целта е оправдана и хумана и затоа сметаме на полна соработка и позитивен однос од Владата и од други домашни и странски институции. Ќе докажеме дека оваа операција е можна и реално остварлива. Предлозите кои ги изнесуваме не се донесени случајно, туку се резултат реална проценка на економските можности на државата.
Што се однесува до “правниот експерт“ Драге Јованоски, потполно ги разбираме неговите мотиви за напад на платформата за егзистенцијално згрижување на илјадници наши сограѓани.