ССМ НАСКОРО СО СВОЈА СИНДИКАЛНА МИНИМАЛНА КОШНИЦА

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

01.02.2011_sindikalna_kosnica01.02.2011

Сојузот на синдикатите на Македонија за првпат ќе воведе своја пресметка на Синдикална минимална кошница. Во споредба со статистичката Потрошувачка кошница тоа е нов, поширок модел на пресметување на реалните трошоци на живот...
Сојузот на синдикатите на Македонија наскоро ќе почне со пресметување на “Синдикална минимална кошница“, заклучено е на вчерашната седница на Претседателството на ССМ. Целта на Синдикалната кошница е утврдување на реалната социјална положба на работниците, поради што новиот метод опфаќа повеќе елементи во однос на Потрошувачката кошница на Државниот завод за статистика.
Претседателството исто така најави дека кон крајот на месец февруари ќе се организира јавна расправа – тркалезна маса, на тема “Вредноста на синдикалната минимална кошница“. На јавната расправа ќе бидат поканети експерти и претставници на повеќе организации и институции, кои треба да дадат мислења и предлози за реалното утврдување на елементите за пресметки. На седницата е исто така усвоено “Упатство за пресметка (утврдување) на вредноста на синдикалната минимална кошница“.
ССМ смета дека “Потрошувачката кошница“ што месечно ја објавува Државниот завод за статистика е модел што недоволно ги опфаќа вистинските трошоци за живот. Во статистичката кошница се опфатени само трошоците за храна и пијалоци на четиричлено семејство. Наспроти ова, покрај трошоците за исхрана и пијалоци во синдикалната кошница ќе бидат вградени и трошоците на семејството за други потреби: домување, хигиена, превоз, култура, облека и здравје.
ССМ ја актуелизира потребата од воведување синдикална потрошувачка кошница од смената на раководството, во април минатата година.
Треба да се знае дека во околните држави, како во Србија и Хрватска, покрај официјалната статистичка потрошувачка кошница синдикатите изработуваат свои синдикални кошници, кои ги земаат во предвид сите потреби на просечното четиричлено семејство, и тоа прилагодени и соодветни за различни региони. И Синдикалната минимална кошница на ССМ ќе пресметува најмалку два типа кошници, со по неколку модалитети за различни категории граѓани, како вработени, пензионери и други.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc