ЗА ОВАА ГОДИНА СГИП НАЈАВИ АКТИВНОСТ ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА КОНВЕНЦИЈАТА 94 НА МОТ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

25.01.2011

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање најави кампања за измена на законите според Конвенцијата 94 на МОТ. Имплементацијата значи ред во јавните набавки и сопирање на работењето на црно...

Од денешната конференција: синдикалците бараат ред во јавните набавки

Според стандардите на Меѓународната организација на трудот (МОТ) треба да помине една година од ратификувањето на Конвенцијата број 94 до имплементирањето во законите на една држава. Бидејќи Собранието ја ратификуваше Конвенцијата во јуни 2010 година ние најавуваме голема активност за менување на законите, во прв ред на Законот за јавни набавки, изјави на денешната конференција за печат Павел Трендафилов, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија.

Менувањето на законите и подзаконските акти според Конвенцијата 94 значи крај на искористувањето на работниците ангажирани во градежништвото, односно на учеството на компании кои не ги исполнуваат обврските кон државата и вработените. Имено, според нашите податоци моментно во градежништвото се ангажирани 41.000 лица, од кои над 30 отсто работат на црно. Ангажирање на компании од типот “човек – фирма“ значи дека работници се злоупотребуваат на сметка на буџетот – од една страна се добиваат народни пари, од друга на луѓето не им се плаќа пензиско и здравствено осигурување.

Ние како синдикат не сакаме градежништвото да биде социјален вентил, во смисол луѓето да работат за надница, без да им се плаќа стаж и без едно основно уставно право, правото на здравствена заштита.

Конвенцијата 94 предвидува трудови и социјални клаузули во јавните договори. Изменетите закони ќе значат крај на нередот во градежништвото и во тендерите. Право на учество на тендер треба да имаат само компаниите кои ги исполнуваат сите законски обврски кон државата и кон работниците. Се разбира, тука се и техничките стандарди, како бонитет, машинска оператива, број на вработени и друго, зависно од обемот на инвестицијата. Не треба да постои практика компанија без бонитет, без вработени, без механизација и други услови да земе некој тендер и после објектот да го извршува со стотици непријавени работници, објасни Трендафилов.

Од Синдикатот, на кој учествуваа претставници на синдикалните организации на “Гранит“, “Бетон“ и “Маврово инженеринг“, најавија дека почнуваат со организирање меѓународна конференција на оваа тема. Тие најавија дека на конференцијата ќе учествуваат Меѓународната организација на синдикатите од градежништвото, шумарството и дрвната индустрија (BWI), Меѓународната организација на трудот, кои континуирано даваат поддршка за имплементацијата на Конвнецијата 94. Ќе бидат повикани и претставници на Министерството за транспорт и врски, Бирото на јавни набавки, Стопанската комора, Трудовата инспекција и други инситуции. Поддршката од странскиот фактор ги опфаќа и Светската банка и Европската банка за обнова и развој, кои претставуваат инвеститори во градежните зафати во Македонија. За 2011 година се најавуваат капитални инвестиции, како патна инфраструктура, две брани за хидроцентрали, високоградба и навистина треба да се воведе ред во оваа јавните тендери.

На прашањето на новинарите за судбината на малите и средните претпријатија во градежништвото одговор даде Крсте Мицевски од претпријатието “Гранит“. Никој не е против малите претпријатија. Ние настојуваме секое претпријатие, без разлика на големината, да ги исполнува законските критериуми. Доколку ги исполнува ќе може да се јави на тендер, всушност идејата е претпријатијата кои не работат во склад со законот да немаат право ни да конкурираат на јавните набавки. Се има случено јавна инвестиција да добие претпријатие кое не е способно самостојно да ја изведе работата и затоа да ангажира работници на црно, или да бара подизведувачи од редот на регуларните компании.

Претставниците на медиумите се интересираа за евентуални сознанија за ваквите случаи. Претседателот Трендафилов изјави дека многу се очекува од соработката на синдикалците со Трудовата инспекција.

 

СГИП во изминатите четири години водеше иницијатива за ратификување на Конвенцијата 94. Во октомври 2006 година во Скопје се одржа Европска меѓународна конференција, на која учествуваа 90 синдикати од 28 држави. Подоцна е одржана уште една конференција и од двете, како и од Експертскиот тим на Меѓународната организација на трудот, е добиена апсолутна меѓународна поддршка за акцијата за имплементација на конвенцијата.

Како дел од овие активности може да се смета појавата на барем поголеми обѕири кон основањето на претпријатија за градежништво. Имено, пред пет години имаше 7.000 регистрирани компании, од кои најголем број беа човек – фирма. Сега се околу 4.000, но, повторија синдикалците, единствената цел е внесување ред во македонското градежништво и ставање крај на шпекулациите. Треба да се знае дека државата е најголем инвеститор во градежништвото и затоа се треба да биде регуларно и сите да имаат корист од јавните инвестиции.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc