ЗА НЕПОЛН МЕСЕЦ ШЕСТ СЛУЧАИ НА МОБИНГ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

18.01.2011_intervju_mobinng 18.01.2011

Од отворањето на Канцеларијата за помош на жртвите од мобинг, на 21 декември, до сега се обратија повеќе лица. За шестмина од нив е утврдено дека се жртви на психичко малтретирање на работните места. Експертскиот тим ги сослушува работниците и утврдува начини на помош...

Од едно интервју во Канцеларијата - некои работници имаат храброст да побараат помош

Од отворањето на Канцеларијата за помош на жртвите од мобинг, на 21 декември, до денес се утврдени вкупно шест предмети. Во еден од овие случаи Експертскиот тим презеде интервенција, во вид на средба и разговор со работодавачот. Договорено е задоволувачко решение за оштетениот работник, кој останува на работа додека ги исполни условите за пензија.

Бројот на лицата кои се обраќаат во Канцеларијата е поголем, но во некои случаи во прашање се повреди по друг основ, најчесто од областа на повреда на правата од работен однос. Меѓутоа, не се малку ни шесте установени предмети, за кои е утврдено дека станува збор за класично психичко вознемирување на работните места. Имено, од 21 декември до 18 јануари, поради новогодишните и божиќните празници, практично имаше само 15 работни денови, што значи дека еден предмет се оформува на секои два ипол дена, информира Јасмина Велкова, проект – асистент на Канцеларијата за помош од мобинг.

Може да се очекува зголемување на оваа бројка, со оглед на тоа што Канцеларијата не заокружи ни еден месец од отворањето и што сите луѓе се веројатно неинформирани за постоењето на оваа ќелија. за помош. Во секој случај и почетните резултати се потврда дека во Македонија психичко малтретирање на работните места е доста раширена појава.
Што станува со стравот од јавно експонирање и барање помош, односно карактеристичното држење и став на овдешниот работник во однос на мобингот?

- Стравот кај луѓето е навистина голем. Кај сите случаи кои ги обработуваме работниците имаат добиено откази, што значи дека тие се решаваат да бараат помош дури откако немаат што да изгубат. Тие долго време трпеле притисоци, понижувања и малтретирања само за да го задржат работното место. Потполно се свесни дека го губат сопственото здравје, но издржуваат се за да не останат без егзистенција – објаснува Емилија Угриновска, психолог во Експертскиот тим.

Лицата кои се обраќаат во Канцеларијата ги сослушува проект – асистентот Јасмина Велкова. Доколку се утврди дека е во прашање типично психичко малтретирање лицето треба да потполни прашалник, во вид на образец со 24 поставени прашања. Тоа се општи и конкретни податоци: за времетраењето на мобингот, вршителот на мобингот, начинот на вознемирувањето, реагирањето на работникот, здравствените последици и друго. Понатаму лицето кое бара помош се сослушува од членовите на Експертскиот тим. Тоа се Артемис Периќ, претседател во невладината организација “Организација на жени - Скопје“, Мирјана Марковска – Андревска, адвокат и медијатор, и психологот Емилија Угриновска. Членовите на Експертскиот тим работат волонтерски, без надомест. Отворена е можноста за проширување на Канцеларијата, односно вклучување на други лица кои имаат желба да дадат свој придонес во борбата против ова се пораширена појава. Инаку лице задолжено за меѓународни контакти на “Антимобинг мрежа – МК“ и на Канцеларијата за помош од мобинг е Гоце Трајковски од СФДМ.

Да потсетиме дека Канцеларијата за помош на жртвите од мобинг е отворена на 21 декември во Сојузот на синдикатите на Македонија. Сместена е во зградата на ССМ, деветти кат, соба број 199, со телефон за контакт 3228 – 437. Канцеларијата произлегува од проектот “Антимобинг мрежа – МК“, која ја реализираат Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за финансиски дејности на Македонија. СФДМ од минатата година учествува во Регионалниот проект “Мрежа за здравје и заштита при работа“, во кој учествуваат синдикати и други институции од Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc