ОДРЖАНО ШЕСТОТО СОБРАНИЕ НА СИНДИКАТОТ УПОЗ

Пецо Грујовски е избран за претседател на Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани - УПОЗ. На Собранието се усвоени нов Статут и Програма за наредниот период...
На 21 декември во Охрид се одржа Шестото Собрание на Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ). За претседател во наредниот петтогодишен мандат е избран Пецо Грујовски, досегашен генерален секретар на УПОЗ.
На Собранието беше изнесен извештај за активностите на УПОЗ во периодот меѓу Петтото и Шестото собрание. Усвоени се нов Статут и Програмски активности за претстојниот период. Исто така се избрани нови членови на Надзорниот одбор и членови на Советот на ССМ од Синдикатот УПОЗ.
Пецо Грујовски е роден на 20 август 1952 година. Има завршено правен факултет. Како студент соработува во весникот “Студентски збор“, а подоцна се вработува во весникот “Млад борец“, каде ги извршува функциите директор и главен и одговорен уредник.
Во Сојузот на синдикатите на Македонија е од 1987 година. Првата работна задача е секретар на Службата за информирање. Во април 2000 година е именуван за секретар, а подоцна и за генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ. Од 2005 година до 2009 година ја извршуваше функцијата портпарол на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Новиот претседател на УПОЗ Пецо Грујовски информира дека во Извештајот за работа на Синдикатот меѓу Петтото и Шестото собрание се опфатени повеќе области, како организација и дејствување на синдикатот, остварувањето на економските и социјалните права, активностите околу измените и дополнувањата во Законот за работни односи, надоместоците за плата, промената на работното време, воведувањето на системот за бруто плата, ниските плати и штрајковите, Законот за судска служба, зголемувањето на платите на судските службеници, колективните договори и други прашања. Грујовски исто така истакнува дека доста внимание се обрна на синдикалното образование, меѓународната соработка, информирањето на членството и на јавноста. Солидарниот фонд се потврдува како значаен фактор во работата и дејствувањето и истовремено значи поткрепа за членовите во подобрување на нивната материјална положба, додека спортските игри и средби остануваат традиција, со 21 одржана средба.
“Програмските насоки за работа на Синдикатот на УПОЗ во наредниот период“, кои се усвоени на собранието, вклучуваат унапредување на човековите права и слободи во остварувањето социјалната правда на сите нивоа, остварување на слободата на синдикалното дејствување, праведно вреднување на трудот, што посилна преговарачка улога на Синдикатот, навремена и стручна заштита на своето членство, синдикално оспособување на членството, организациско и кадровско зајакнување на ССМ како стожер на активностите од заеднички интерес за членството и друго.
На собранието е усвоен и нов Статут, каде се регулирани принципите и формите на организирање, целите на дејствување, членувањето, правата и должностите на членот, бесплатната правна помош, организационата структура, органите, формите на работа и дејствување, соработката со другите синдикати и другите прашања околу организираноста на Синдикатот.